Пакистанец е првиот странец што ќе лета до кинеската вселенска станица

Фото: CNSA

Четириесетгодишниот пилот Зишан Али утре ќе стане првиот Пакистанец во орбитата и првиот странски државјанин што ќе престојува на кинеската вселенска станица Тијангонг. Летот на вселенското летало Шенжоу-24 е закажан за 8:18 часот по локално време од центарот Џиучуан во северозападна Кина.

Вселенското летало Шенжоу-24 ќе биде лансирано со ракетата Долг марш-2Ф, а покрај Али во тричлениот екипаж се наоѓаат кинескиот командант Танг Хонгбо и инженерот за лет Ву Ји. Али ќе работи како специјалист за товар и ќе остане на станицата од пет до десет дена, период во кој ќе спроведува научни експерименти.

Пред летот, пакистанскиот пилот мина седуммесечна обука во Пекинг. Подготовките вклучуваа интензивни часови по кинески јазик, учење кинески песни и читање поезија, како и вежбање калиграфија и играње пинг-понг. Пред новинарите во пресрет на мисијата, Али изјави дека не лета за себе и дека на своите рамена го носи името на Пакистан.

Вселенската соработка меѓу Пекинг и Исламабад трае од почетокот на деведесеттите години на минатиот век. Кина досега лансираше повеќе пакистански сателити, а ровер изработен во Пакистан треба да полета со кинеска лунарна мисија околу 2028 година. Извршната директорка за вселенска безбедност и стабилност во американската фондација Секјур ворлд, Викторија Самсон, оцени дека Кина вешто ја користи вселената за ширење на својата мека моќ преку изградба на сателити, телескопи и центри за следење за земјите од Глобалниот југ.

Иако престојот на Али е значително пократок од вообичаената шестмесечна ротација на кинеските астронаути, настанот носи големо значење за Пакистан. Основачот на консултантската куќа Орбитал гејтвеј од Хонгконг, Блејн Курсио, посочи дека мисијата обезбедува престиж, научно-технолошко знаење и подлабока дипломатска соработка со Пекинг. Според него, со приемот на меѓународен астронаут Кина јасно покажува дека станицата Тијангонг е отворена за соработка во период кога Меѓународната вселенска станица предводена од НАСА се приближува кон можното повлекување од употреба до 2030 година.

Кинеската вселенска станица Тијангонг, чие име во превод значи Небесна палата, е целосно оперативна од крајот на 2022 година и може да прими до шест астронаути за време на смената на екипажите. Овојпат смената ќе се одвива по поинаков распоред, бидејќи командантот на мисијата Шенжоу-23, Жу Јангжу, ќе остане на станицата додека остатокот од неговиот екипаж ќе се врати на Земјата заедно со Али.

Жу Јангжу ќе помине вкупно една година во орбитата за да ги поддржи кинеските истражувања за адаптацијата на човечкото тело во вселената. Со тоа тој ќе го постави рекордот за најдолг поединечен престој во вселената на еден кинески астронаут, иако тој резултат останува под светскиот рекорд од 14 и пол месеци што го постави руски космонаут во 1995 година.

Целта на Пекинг да испрати луѓе на Месечината до 2030 година останува непроменета и по одложувањето на лунарната мисија Чанг’е-7, која годинава не полета поради неповолни временски услови предизвикани од тропска бура. Паралелно со тоа, САД планираат враќање на астронаути на Месечината до 2028 година, додека Кина заедно со Русија планира изградба на истражувачка база на Месечината до 2035 година. Вашингтон претходно предупреди дека Пекинг би можел да се обиде да воспостави доминација врз областите на Месечината богати со ресурси, обвинувања што кинеските власти ги отфрлаат со порака дека се залагаат за мирно користење на вселената.

Пред полетувањето, пакистанскиот астронаут Али изрази надеж дека следното поглавје од кинеско-пакистанската вселенска соработка ќе прерасне од еден астронаут и еден лет во повеќе заеднички мисии кон Месечината, Марс и пошироко.

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?