Педесет отсто од возрасните граѓани и 17 отсто од малолетниците во Македонија пушат цигари, покажуваат резултатите од националната анкета за 2026 година на Аналитика тинк-тенк и Светската здравствена организација (СЗО). Податоците беа објавени на денешната национална конференција во Скопје, од каде што СЗО побара енормно зголемување на цените на тутунските производи за да станат недостапни за младите.
Истражувањето спроведено на примерок од 1.065 возрасни испитаници покажува дека секојдневното пушење во земјава се зголемило од 43 проценти на 48,1 процент. Покрај половина од возрасната популација, 17 отсто од малолетниците користат класични цигари или цигари од загреван тутун.
Наодите од анкетата на Аналитика тинк-тенк укажуваат дека цигарите станале за 17,3 проценти подостапни во однос на просечната плата, бидејќи платите растеле побрзо од малопродажните цени на цигарите. Истовремено, кај 47,3 проценти од пушачите кои се обиделе да се откажат, токму високата цена била главната причина за обидот.
Шефот на канцеларијата и специјален претставник на Светската здравствена организација (СЗО) во Скопје, д-р Аким Али, на конференцијата порача дека цигарите од различни категории мора енормно да поскапат за да станат недостапни за младите.
Министерот за здравство Сашо Клековски истакна дека еден пушач годишно во просек троши по 600 евра за цигари. Според него, оваа сума ги надминува придонесите на вработен во Фондот за здравствено осигурување, кои изнесуваат околу 500 евра годишно.
Претставничката на Аналитика тинк-тенк, Тамара Мијовиќ Спасова, посочи дека речиси четвртина од граѓаните пушат повеќе од 20 цигари дневно и се вбројуваат во категоријата тешки пушачи. Дополнителни 40 отсто од пушачите консумираат од 10 до 20 цигари на ден, додека 62 проценти од испитаниците забележале пушење во ресторани и кафулиња.
Новиот закон за заштита од пушење сè уште не е стапен на сила, иако неговата примена беше првично најавена за 1 март 2026 година. Постапката во Собранието трае поради разгледување амандмани и барање мислења од домашни експерти.
Предложеното законско решение предвидува строги забрани за пушење во широк спектар на јавни и полујавни простори, како и во приватни возила кога во нив се превезуваат деца. На денешната конференција насловена „Од податоци до политики: Како да ја намалиме цената на пушењето?“ беа најавени и натамошни дискусии за приоритетите во јавното здравство и превенцијата од пушење.

