ХЕРА Млади: Не ни требаат уште 16 дена ветувања, ни требаат 365 дена институционална одговорност

Седум жени се убиени како жртви на фемицид во Македонија од почетокот на 2026 година, а официјалните податоци бележат 1.337 кривични дела поврзани со семејно насилство за девет месеци. На стартот на глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“, организацијата ХЕРА Млади соопшти дека институционалната негрижа чини човечки животи и побара системска заштита наместо симболични ветувања.

„Пред точно една година гласно предупредивме и јасно побаравме 365 дена институционална одговорност наместо 16 дена симболика! Една година подоцна, не само што ништо не е подобрено, туку состојбата е драстично влошена – седум жени се убиени во 2026 година како жртви на фемицид“ рекоа денес од ХЕРА Млади.

Од организацијата истакнаа дека убиството на 17-годишната Билјана Кириќ од Богданци покажува оти жените и малолетните девојки го губат животот дури и кога ќе пријават насилство во институциите. Тие побараа детална истрага и конкретна одговорност за секој институционален пропуст во овој случај.

„Не ни требаат уште 16 дена ветувања. Ни требаат 365 дена институционална одговорност“, порачаа од ХЕРА Млади. Според нив, охрабрувањето на жените да пријават насилство нема ефект доколку ги пречека бавен систем и мерки што остануваат само на хартија.

Тие наведоа дека државата повторно се соочува со недостиг на специјализирани сервиси, засолништа и бесплатна правна и психосоцијална помош. Како особено погодени од оваа состојба се посочени жените од руралните средини, Ромките, жените со попреченост и жените кои живеат во сиромаштија.

ХЕРА Млади побараа соодветно санкционирање на сторителите, вклучително и за дигитално и сексуално насилство, одмаздничка порнографија, закани и уцени со објавување интимни содржини. Меѓу барањата се и достапна психолошка и правна поддршка за секоја жртва, безбедни и осветлени јавни површини и сигурен ноќен јавен превоз.

„Што бараме веднаш? – Бараме заштита денес, а не правда по смртта! Не бараме привилегии, туку основни услови за да можеме да живееме, да се движиме, да учиме и да ја планираме нашата иднина без страв од насилство! Неприфатливо е да мораме постојано да внимаваме како се облекуваме, по кој пат се движиме, со кого комуницираме и во колку часот се враќаме дома за да се чувствуваме безбедно! Неприфатливо е и пријавувањето насилство да значи почеток на нова борба со институциите, наместо пристап до заштита“ порачаа од ХЕРА Млади.

Тие рекоа дека бараат држава во која институциите ќе нè слушаат, ќе им веруваат на жртвите и ќе реагираат навреме, наместо да чекаат насилството да ескалира.

„Бараме едноставна, но суштинска работа: да можеме да излеземе навечер без страв, да ги користиме социјалните мрежи без да бидеме мета на закани, уцени и понижување, да одиме на училиште и факултет без страв од вознемирување и да знаеме дека, доколку пријавиме насилство, системот навистина ќе нè заштити. Не сакаме повеќе да живееме во постојана претпазливост и страв, ниту безбедноста да зависи од тоа колку гласно ќе повикаме за помош. Сакаме да живееме во општество во кое секоја од нас ќе може слободно да одлучува за својот живот, да се движи без страв и да ја планира својата иднина. Безбедноста не смее да биде привилегија, туку загарантирано право“ велат од ХЕРА Млади.

Кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“ започнува на 25 ноември, Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, и трае до 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права. ХЕРА Млади потсетија дека и пред една година побарале целосна институционална одговорност во текот на целата година, оценувајќи дека оттогаш состојбата на терен е дополнително влошена.

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?