Синоќа, темнината во салата на Кинотеката на Северна Македонија не беше само вовед во уште една филмска вечер, туку почеток на едно поинакво патување низ женската креативност и уметничкиот пркос. Под мотото „Женски поглед: Филм по нејзина мерка“, свечено беше отворено петтото издание на Фестивалот на грчки филм во Скопје, настан кој оваа година целосно им припаѓа на жените зад камерата.
Уште на самиот почеток беше јасно дека ова нема да биде само обичен преглед на филмски остварувања, туку славење на женските гласови, визии и изрази. Низ внимателно одбраната програма од три долгометражни и два кратки филмови, потпишани од грчки режисерки, публиката добива ретка привилегија да ѕирне во различни епохи и уметнички светови, од зачетоците па сè до најновите бранови на современата грчка кинематографија.

Посебен сјај и тежина на вечерта ѝ даде присуството на режисерката Константина Коѕамани, чиј филм ја имаше честа да ја отвори фестивалската завеса. Со видлива емоција, таа пред скопската публика ја сподели личната нишка вткаена во нејзиното дело „Длабочината на океанот“, кое синоќа ја доживеа својата премиера.
-Чест ми е што мојот филм премиерно беше прикажан вечерва на свеченото отворање на фестивалот, истакна Коѕамани, откривајќи дека приказната на платното е всушност одраз на нејзиниот сопствен живот. Израсната покрај море, вљубеничка во нуркањето и длабоко фасцинирана од јапонската култура, книжевност и филм, таа ги споила сите свои љубови во проект кој го создавала цели десет години.
Планирани се уште две проекции на филмот „Титаник Оушн“ за сите оние кои не успеаја да го погледнат вечерва.

Но, филмската магија во Кинотеката тука не запира, туку само го фаќа својот вистински залет. Веќе вечерва, патувањето продолжува низ времето- од современата приказна на краткиот филм „Летно место“ на Александра Матеу, па сè до далечната 1953 година и мелодрамата „Ева“. Ова остварување носи посебна историска тежина бидејќи го потпишува Марија Плита, првата жена режисер во историјата на грчкиот филм. По проекциите, разговорот ќе се пренесе од големото платно кај публиката, а ќе го води вториот истакнат гостин на фестивалот од Грција – професорката Бети Какламаниду од Универзитетот „Аристотел“ во Тесалоники. Таа е заслужна за реставрацијата на филмот „Ева“ и за повторното откривање на пионерското творештво на Марија Плита, враќајќи го повторно во центарот на вниманието.
Влезот за проекциите е бесплатен, а потребна е потврда за присуство на thegreekfilmfestivalinskopje.

