Кога читаме за аферата „непријателот на мојот пријател е и мој непријател“, што ги спои десничарските влади во Љубљана и Белград во 2021 година, не може да избегаме и од ромбоидот во кој се влезени и Македонија и Унгарија
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Словенечките и српските власти пред последните парламентарни избори во двете земји си помагале во изнаоѓање податоци со кои сакале да ги оцрнат водечките политичари на опозицијата, пишува словенечкиот портал Necenzurirano.si, а пренесе N1. Ова сознание секако укажува дека на Балканот има сериозни контакти на лидерите на десничарските партии во елиминирање на „непријателите на моите пријатели“. Геометријата на тие врски секако не е само врзана двонасочно (Белград – Љубљана и обратно), бидејќи политичкиот ромбоид во кој влегуваат и Будимпешта и Скопје не е невозможен, барем заради блискоста меѓу десничарските партии и лидери. Во оваа афера неволно е вклучена и Подгорица.
Почеток на добро пријателство
За потсетување, парламентарните избори во Словенија се одржаа на 24 април минатата година. Веднаш по отворањето на гласачките места, Европската народна партија (ЕПП), матичната политичка групација СДС и НС, ја изразија својата загриженост за мешање во словенечките избори од странство, потврдува словенечко Нецензурирано. Тие го вперија прстот кон Русија. Зборуваше и лидерот на СДС, Јанез Јанша. Според него, загриженоста за странското мешање во словенечките избори е „делумно оправдана“.
Но Јанша со ова сакал – тврди споменатиот медиум – да го оттргне вниманието од државата, која во претходните недели, всушност, се обидувала да влијае на резултатот од парламентарните избори во Словенија. Таа држава е Србија, каде апсолутната власт ја има претседателот Александар Вучиќ, политичкиот пријател и сојузник на Јанша, пишува Necenzurirano.si.
Имено, овој портал открива дека пред минатогодишните избори во двете земји, словенечките и српските власти си помагале во изнаоѓање податоци, со кои сакале да ги оцрнат водечките политичари на опозицијата. Тоа го докажуваат документите што уредниците на споменатиот портал ги добиле на увид во последните месеци и сведоштвата на неколку меѓусебно неповрзани извори од различни земји. Цели биле Роберт Голоб, претседателот Гибање Свобода, кој ја предводи словенечката влада од јуни, и поранешниот градоначалник на Белград, Драган Ѓилас, претседател на Партијата за слобода и правда (ССП). Знаеме дека Ѓилас веќе неколку години се смета за политички непријател број еден на Вучиќ, поради што редовно е напаѓан од таблоидите од неговата околина.
Која е хрониката на настаните? Најпрвин, Словенечката канцеларија за спречување перење пари (УППД) есента 2021 година, на помалку од половина година пред парламентарните избори во Србија, почна да бара „црно под ноктите“ на Ѓилас во Словенија и други европски земји, користејќи го фактот дека, како дел од ЕУ, може да ја прошири истрагата во земјите од Унијата. За возврат, српската Управа за спречување перење пари почнала да собира информации за сметките, трансакциите и работењето на компанијата ГЕН-И, која неколку години ја водел Голоб, кој веќе бил прв фаворит за победа на изборите во април 2022 година.
Бил ли тоа почеток на „долго пријателство“ како што вели Хемфри Богарт во последниот кадар на „Казабланка“?
Словенечката канцеларија, која тогаш ја водел избраниот член на СДС, партијата на Јанша – Дамјан Жугељ, била свесна дека нема правна основа, ниту овластување да дојде до такви податоци. Бидејќи компанијата ГЕН-И никогаш не била под истрага за сомневање за перење пари, претходни кривични дела или финансирање на тероризам. Очигледно тоа го знаеле во Љубљана, па нашле обиколница во Белград. Ама неколку дена пред изборите во Словенија дел од податоците до кои дошла српската управа во селективна форма се појавија во медиумите на СДС.
Договор на највисоко ниво
Хронологијата на настаните дозволува можност да се работи за договор на државно ниво, пишува Necenzurirano.si. Интензивната соработка меѓу словенечката и српската администрација започнала откако Александар Вучиќ го посети Стратешкиот форум во Блед на крајот на август 2021 година. Разговорите за тој кој прв почнал да бара помош не се познати, ама е јасно дека само неколку месеци пред таа средба, директорот на српската Агенција за спречување на перењето пари, Жељко Радовановиќ, јавно објавил дека информациите за Ѓилас ќе дојдат преку меѓународната мрежа на финансиски органи!
Но српската љубопитност не била лесно да се задоволи. Како што објаснија неколку соговорници за порталот Necenzurirano.si, финансиските администрации во земјите на ЕУ сакале да имаат јасно оправдување за ваквите барања, зошто му се потребни на барателот. Во недостаток на официјален материјал за финансиите на Ѓилас Радовановиќ во своите јавни настапи се повикувал само на пишувањата на српските медиуми кои се под контрола на Вучиќ. Затоа, во Белград притискале да добијат помош во Словенија.
Веќе на 1 ноември 2021 година, Вучиќ повторно се сретнал со Јанша, овој пат на маргините на Климатската конвенција на ОН во Глазгов. „Србија и Словенија ги зајакнуваат односите и соработката во сите области од општественото живеење“, изјавил тогаш Вучиќ. Една недела подоцна, тој јавно објавил дека има докази за „колку пари Ѓилас и медиумскиот магнат Драган Шолак им дале на лобистите кои работеле за косовските Албанци и се залагале за бомбардирање, а сега работат на уништување на Република Српска“. Нападот е повеќе идеолошки, за цел има дискредитација на споменатите како политички конкуренти заради „непатриотизам“, а не за финансиски махинации.
Во исто време, контактите меѓу управите веќе беа многу интензивни. Во словенечкиот УППД минатата година им потврдиле на уредниците на порталот Нецензурирано дека Жугељ најмалку двапати го посетил Белград во ноември 2021 година. Тој барал материјал за да го притисне Голоб, сега веќе актуелен премиер, а можеби и носел некаков материјал кој би ѝ користел на другата страна. Првиот пат бил учесник на Конференцијата за нелегални трансакции, а вториот пат бил во официјална посета на српската администрација. „Посетата беше поврзана со имплементација на билатерални договори меѓу канцелариите и презентација на одредени ИТ решенија“, објаснувале од Љубљана.
Истраги кон семејството на Ѓилас
Но, веќе на крајот на ноември, словенечката канцеларија покренала постапка против Ѓилас. Документите потврдуваат дека УППД сакала да истражи и некои членови од неговото семејство! Преку меѓународна размена, тие барале податоци од Швајцарија, каде што работи компанијата на Ѓилас Мултиком Опен. Проценка – поголем кредибилитет во странство има словенечката иницијатива.
Во Србија, пак, работеле на дискредитација на Голоб. И тоа по многу сличен модел на оној на Ѓилас. На почетокот на 2022 година, Голоб го најавил влегувањето во политиката. Кон крајот на јануари, станал претседател на Гибање Свобода, која веднаш излегла на врвот на анкетите на јавното мислење. Само неколку дена подоцна, Бојан Пожар, политичкиот сојузник на Јанша и медиумски работник, објавил анонимно писмо за работењето на компанијата ГЕН-И од Белград, потпишано од нејзините „загрижени работници“. Со оглед на тоа што компанијата имала само четворица вработени, според податоците од годишниот извештај на групацијата, многу поверојатно е дека анонимното писмо дошло од друго место, можеби дури и од Словенија.
Но и тоа било доволно за српската канцеларија да почне да бара информации за сметките, трансакциите и бизнисот на ГЕНИ-И на Балканот. Од Белград побарале помош од финансиските власти од Црна Гора (!) преку меѓународна размена. Притоа изјавиле дека податоците им се потребни за истрагите што самите ги водат. Истовремено, тие не кажале дека оригиналната нарачка пристигнала од Љубљана.
Во Црна Гора биле многу изненадени кога сфатиле дека поединечните податоци што ги испратиле во Белград се појавиле во Словенија, непосредно пред изборите во април. „Меѓународната финансиска истрага“ за која пишуваа медиумите од кругот на СДС кога беа објавени овие податоци, всушност никогаш не се случила. Пријавата во полиција ја доставила канцеларијата непосредно пред заминувањето на Жугељ.
Кривичната истрага што е отворена ќе го даде конечниот одговор дали и колку имало планирана злоупотреба на државните институции за политички потреби на СДС пред изборите во Словенија.
Во декември, Националната истражна канцеларија потврдила дека „прибираат информации поради причини за сомневање дека е сторено кривично дело, за што сторителот се гони по службена должност“. Жугељ пред извесно време преку соопштение ги отфрлил сите обвинувања. Затворска казна од една до пет години е предвидена за кривичното дело злоупотреба на службената положба или службените права.
Портал со истражувачка упорност
Што во оваа приказна има врска со нашата земја? И дали ја има? – веројатно ќе се запрашаат многумина. Е, па има, и тоа „дебела врска“. Овој словенечки портал веќе еднаш откри конекција меѓу Орбан и финансиите кои се дистрибуирани од Будимпешта во повеќе македонски медиуми целосно наклонети на ВМРО ДПМНЕ во времето на режимот на Груевски, а битни да се задржат позициите тогаш кога оваа партија ја изгуби власта (ефективно во втората половина на 2017 година). Клучниот лост за одржување на власта на Груевски беа токму медиумите и тие беа битни да се задржат – онака како што е тоа сега факт – дека е направено со успех!
Токму „Нецензурирано“ пишуваше, а „Фронтлајн“ пренесе, дека операцијата со корупцијата во медиумите и нивната контрола со црни пари започнува со средбата во Охрид на 29 септември 2017 година, кога Орбан и Јанша, на официјален работен ручек со Груевски, изразиле поддршка за ВМРО-ДПМНЕ пред локалните избори во Македонија. Но, во позадина, тие очигледно веќе правеле други планови. Само три дена претходно, да се потсетиме, на 26 септември, унгарскиот претприемач Агнес Адамик, го основа „Адинамик Медиа“ во Скопје за да ги купи македонските медиуми. Истиот месец, Петер Шац го лансираше веб-порталот „Рипост“ во Македонија. Оригиналниот сопственик на домејн за пропагандниот портал во Македонија е компанијата „Ш-Шац“ со седиште во Љубљана.
За помалку од една година, унгарските претприемачи станаа официјални сопственици на повеќе од десет електронски, печатени и мрежни медиуми во Македонија. Петер Шатц започна со купување, а од 2018 година, Агнес Адамик го водел бизнисот. Унгарските пари за овие проекти постојано доаѓаа од Словенија – преку сметки во „Уникредит“ што ги отвориле Шац и Адамик во Љубљана.
После сите овие релации и потврдени сомнителни банкарски трансакции тешко е дека некој може да поверува дека ВМРО-ДПМНЕ не контролира медиуми со сомнителни пари од Будимпешта. Јавното обвинителство имаше доволно објави во јавноста за да се фати со работа. И беа започнати истраги и колку веќе години минаа а Обивнителство не обзнани никаков резултат! (поопширно – во текстот на Цивил Медиа – за добро е да се потсетиме за фрапантните суми кои се фрлени на партиска пропаганда.
„Призма“ пак пишуваше за необичните реклами за маслиново масло од таинствена унгарска компанија која продава производи само по нарачка, а кога ќе ги порачате, ќе мора да платите по 70 евра по литар. Убава сума, ама соодветно масло во продавница кај нас може да купите и за помалку од десет пати! Јасно беше дека тие пари беа оние на кои се држеше и Алфа телевизијата, но и помалите медиуми (Република, Денешен, Лидер…).
Единствена истрага која вроди со тужба е онаа која започна во април 2021 година за даночно затајување во Алфа телевизијата. Кривичниот скопски суд пресуди дека оваа телевизија за 2013 и 2014 година не платила данок од 84 илјади евра и должна е да го плати. Потоа, таа треба да плати трошоци од 1.200 евра и казна од 5.000 евра. Значи, за даночни обврски од пред една деценија се поднесува тужба пред речиси две години и таа во една финансиски бенигна пресуда завршува со првостепена пресуда! И тоа е сè, народе, од нашата правна држава во случаите „унгарски пари преку Словенија во Македонија“!
Колку само бензин потрошиле новинарите – истражувачи за да откријат јасни траги за матни работи во финансирањето од Будимпешта, кое одело, споменавме и во Словенија (каде врската е првично откриена) за да заврши во нечија обвинителска фиока. А јасно е дека се работи за ситуации од кои зависела и сè уште зависи судбината на државата.
Извор: CivilMedia