Европски „тешкаши“ во дипломатска офанзива вчера од Скопје порачаа дека нашата земја може да остане изолирана доколку не се спроведат уставните измени и не се продолжи патот кон полноправно членство во ЕУ. Министрите за надворешни работи на Австрија, Александар Шаленберг, на Чешка Јан Липавски и на Словачка Мирослав Влаховски, како што и самите изјавија се дојдени и овластени од високиот претставник за надворешни работи на Европската унија, Жозеп Борел, да ги пренесат официјалните ставови на ЕУ за прашања поврзани со досието за европска интеграција на Република Северна Македонија. „Постои проевропски став кај политичарите со кои се сретнавме, ова е важен момент на патот на Северна Македонија кон ЕУ и ќе ги информираме европските институции и господинот Борел за пораките што ги добивме и пораките што ги донесовме. Не сме во Скопје за да се мешаме во внатрешните работи на државата и да морализираме. Измените во Уставот за внесување на Бугарите е ваша одлука. Сметам дека патот мора да се оди и го чекаме моментот кога македонскиот јазик и култура ќе бидат дел од европската заедница“, рече Шаленберг. Сепак тој одби да одговори на прашањето што им кажале на претставниците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи „така би станале дел од дебатата, а сакаат да бидат дел од одлуката“.
За тоа дали со ова се затврднува тонот меѓународните партнери како што се ближи терминот за уставните измени, дел од македонската експертска јавност вели дека влегуваме во целосен временски цајтнот. За политичкиот аналитичар, Благојче Атанасоски, токму пораките на министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и Словачка, одат во таа насока: директно дипломатско укажување, па ако сакате и притисок, што ќе значи новото пропуштање на европскиот воз, кој за нас премногу долго беше заглавен во „депото“.
Веројатно, ќе значи на практика целосно збогување за македонските перспективи во евроинтеграцијата, додека нашиот западен сосед ќе ги започне преговорите без нас. Тоа е најпогубното сценарио во овој момент за нас, вели Атанасоски за „Локално“.
Смета дека џабе се сите „пораки“ колку и да се навистина добронамерни или протоколарни, ако ние како политичка елита, јавност и општество не ја сфаќаме опасноста од нов застој во нашите евроинтеграции.
Меѓународните претставници не се избрани легитимни функционери кај нас, па тие да ја сносат одговорноста за состојбите во државата. Ние како држава треба да донесеме заедничка одлука што со себе. Дали ќе го фатиме европскиот приклучок или ќе завршиме како „Молдавија на Балканот“, последната полураспадната дупка од земја, во која од година на година се повеќе и повеќе ќе се иселуваат граѓаните од очај и бесперспективност токму во земјите на ЕУ, рече соговорникот.
На прашањето дали Мицкоски ќе остане на цврстиот став дека не прифаќа „бугарски диктатит“, Атансоски вели дека идерот на опозицијата е веројатно продолжена рака на српско-руските центри на моќ на Балканот, преку „будимпештанската “ врска .
Тој не е , ниту може да носи самостојни одлуки, туку е кукла на конци раководена од „оската на злото“ – Кремљ, Будимпешта- Подземен Белград. Оттука , тој има ролја во македонската улога да направи се, да го спречи македонскиот евроинтегративен пат и Македонија понатаму да остане „последна караула на српскиот свет“ на Западниот Балкан, укажува аналитичарот.
За тоа дали ВМРО-ДПМНЕ има иднина доколку не поминат уставните измени во овој момент, Атанаоски потенцира дека тоа ќе зависи од меѓународната заедница, односно од американската висока надворешна дипломатија.
Доколу Американците навистина решат да расчистат со метастазите на руското влијание кај нас, нема да му дозволат со стап да ја пипне власта на Мицкоски со оваа негова политика, камо ли премиер да стане, макар и „народот да му даде 61 пратеник“ на наредните избори. Доколку Американците станат беневолентни и решат да кренат раце од нас, тие (не)свесно ќе му дозволат да ја формира идната влада и Македонија да заврши како „Молдавија на Балканот“- пропадната држава без никаква перспектива, ужасна за живеење по секој нејзин параметар на општествената скала на мерливост на квалитетот за живот, заклучува соговорникот.
Од друга страна новинарот Зоран Иванов оценува дека ова актуелно водство на ВМРО-ДПМНЕ се однесува како инаетливо дете. Според него, разбирливи се е нивниот интерес и желба за власт, „но и политички и државнички неразбирливо е таквото инаетење кое е крајно штетно по македонските евроинтеграции“.
Мислам дека клучното прашање е која им е всушност вистинската цел? Доколку и владта се заинати и не договори предвремени избори, во таков случај инаетот ќе треба да го тераат уште цела една година. Во меѓувреме Албанија ќе ги почне ЕУ преговорите, Македонија ќе си остане со прстот во уста „релсксирана” од сегашниот дипломатски притисок опозицијата да се смилува и да ги гласа уставните промени кои за нас се условот за конечно и практичен почеток на евроинтеграциите, вели тој за „Локално“.
Истакнува дека и САД порачаа дека „преставниците на народот“ ја имаат одговорноста за перспективата на земјата.
Но, еве, не само поради нотарските акти, туку пред се’ од потребата за додворување кај партискиот шеф кој практично е главниот кадровик за тоа кој и за наредните избори ќе се најде на кандидатската пратеничка листа, слепо ги следат партиските инструкции за целосна блокада на земјата на нејзиниот ЕУ пат и тие барем засега, прават се’ блокадата да се случи, ни рече Иванов во разговорот.
Сепак новинарот се согласува дека до некаде е точна флоскулата „бугарски диктат“ како што тврдат од опозицијата.
Точно бугарски, но рамката е европска. Благодарејќи на тој формат Македонија е кандидат да почне непосредна реформска кооперација со ЕУ. Секакво противење на договорените уставни промени не’ враќа на билатералните релаци со Бугарија и во скутот на софиската негаторска политика спрема нас Македонците па сега, наместо „рибарски приказни”, Мицкоски треба на Македонците да ни одговори дали работи за Скопје или за Софија?, прашува Иванов.
Како што истакнува, ВМРО-ДПМНЕ има иднина со оглед и на актуелниот рејтинг кај Македонците, но и „мошне перспективна иднина брзо да се докопа до државниот буџет“.
Но со вакво ВМРО-ДПМНЕ, Македонците и Македонија немаат никаква иднина, категоричен е новинарот.
Н.П. (Локално)