Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Шолц вели дека климатските политики мора да имаат широка поддршка меѓу Германците

 Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека неговата Влада добива на интензитет во напорите за модернизација на земјата и преминување кон обновливи извори на енергија.

Шолц рече дека целта останува да се запрат климатските промени предизвикани од човекот.

– Инвестициите за иднината се случуваат во Германија и темпото значително се забрзува, рече германскиот канцелар на денешната летна прес-конференција во Берлин.

Но, Шолц рече дека главните политички одлуки за климатската политика мора да имаат широка поддршка меѓу населението за да успеат. Тој ја бранеше одлуката на неговата влада да ги ублажи предложените рокови за сопствениците на куќи да се префрлат на системи за греење што се поприфатливи за климата.

– Моето убедување е дека секој што сака да прави климатска политика мора да биде уверен дека секоја правна регулатива ќе има поддршка од мнозинството на референдум. Тоа мора да биде амбицијата, рече Шолц.

Како што пренесе ДПА, тој рече дека на сопствениците на куќи кои се загрижени дали можат да си ја дозволат инвестицијата во почисти системи за греење ќе им биде дадена помош – но дека владата продолжува да има многу амбициозни климатски цели.

Германија има за цел да биде климатски неутрална до 2045 година, рече Шолц, и мора да ги искористи најновите технологии во широк спектар на области – од индустрија до транспорт до греење – за да го постигне тоа.

Шолц рече дека одлуката на Германија активно да ги следи климатските цели наместо едноставно да поставува цели, како што правеше земјата со децении, претставува добредојден чекор напред.

Тој се осврна на целта на владата 80 отсто од електричната енергија во Германија да доаѓа од обновливи извори до 2030 година, во моментов уделот е повеќе од половина, според извори од индустријата.

Германската електрична мрежа се проширува и земјата ја гради мрежата за полнење за електрични автомобили, информира Шолц.

Зачлени се на нашиот е-билтен