Отворањето е на 19 јули во Амфитеатарот во град Дојран, а фестивалот ќе се одржи на неколку локации во градот.
Организаторите на филмскиот фестивал „Преку езерото | Across the Lake“, што од 19 до 23 јули по втор пат ќе се одржи во Дојран, ја претставија официјалната програма на фестивалот и деталите околу проекциите и настаните кои носат нов квалитет и содржина во македонската култура и градот Дојран ова лето.
Ќе бидат прикажани пет долгометражни и девет кусометражни филмови во официјалната селекција од Македонија, Грција, Србија, Франција, Турција и Иран, ќе има специјална програма за деца со проекции и едукативни шоуа, мастерклас за студенти и студентски филмови и специјална проекција во чест на наградените.
Режисерот Јани Бојаџи, како директор на фестивалот, соопшти дека целта била да се оформи програма која е пресек на најдоброто на Балканот и Медитеранот во овој момент и најави „експлозивен“ почеток.
– Се работи навистина за арт-хаус филмови на најзначајните имиња на современите балкански и медитерански кинематографии. Фестивалот го почнуваме експлозивно, со најдоброто иранско остварување во последните неколку години, долгометражниот игран филм „Трета Светска Војна“. Фестивалот има и специјална програма „Во Фокус“, секоја година ќе одбираме една земја за да може на нашата македонска публика подобро да и ги приближиме современите тенденции во балканските и медитеранските кинематографии, оваа година во фокус е Србија, изјави Бојаџи.
Техничкиот директор Владимир Карпузовски посочи дека отворањето е на 19 јули во Амфитеатарот во град Дојран, а фестивалот ќе се одржи на неколку локации во градот.
Претседателката на советот на фестивалот Мими Ѓоргоска-Илиевска вели дека една од клучните цели е да се придонесе и за Дојран и за целиот регион, како едно значајно туристичко место и поврзување на филмот, културата, туризмот, културниот туризам.
– Сето она што е многу важно за афирмација на Македонија како една многу важна и значајна дестинација со огромно културно богатство и наследство, изјави Ѓоргоска-Илиевска.