Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ристо Пенов: Неопходно е прифаќање на инструментот финансиска децентрализација како што е замислен и како што има потенцијал да се развива

Ристо Пенов

Во рамки на конференцијата „Година на нови можности“, на панелот „Рамномерен регионален и локален развој и придобивки од новиот систем за субвенции во земјоделството“ зборуваше и министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов. Министерот се осврна на реализираните проекти во 2022 година, проектите планирани за 2023 година, како и за финансирањето на општините.

-Кога говориме за регионалниот развој, треба да споменеме дека тој во Република Северна Македонија е комплетно децентрализиран. Во 2022 година, иако беше енергетски и економски кризна година, средствата за рамномерен регионален развој се зголемуваа. Основна оценка што можеме да ја кажеме е дека сите средства беа целосно реализирани и особено сме задоволни што сите општини реализираа најмалку по еден проект. Во 2022 се реализирани 215 проекти. Од нив најмногу е инвестирано во комунална инфраструктура, но она што посебно сакам да го одбележам е обновувањето на возниот парк на противпожарните служби особено во Североисточниот, Источниот, Југоисточниот и Вардарскиот регион каде што речиси секоја општина доби барем по едно противпожарно возило. Со овие средства се обидовме да го подигнеме технолошкото ниво преку набавка на комунална опрема, пред се возила во 19 општини.

За 2023 година подготвуваме еден поинаков приод во реализацијата на проектите. Продолжуваме да соработуваме со ЕУ и со нејзините ИПА фондови, со UNDP каде што работиме за јакнење на капацитетите на општините. Во 2022 заради проценката дека е низок административниот капацитет на општините подготвивме 60 технички документации за проекти во 48 општини со кои ќе можат да аплицираат пред европските и други фондови. Да ја истакнам соработката со USAID со која работиме на финансова децентрализација каде што се постигнуваат најзабележителни резултати, каде што имаме најголем заостаток како општини и како држава и веќе може да се пофалиме дека имаме и општини, со помош на USAID, со стоотстотна евиденција на објектите и субјектите за оданочување со данок на имот како што е општината Кавадарци.

Во 2023 ќе се обидеме малку со избор на проекти од поголемо регионално значење и така се определивме заедно со Швајцарската влада да ги реконструираме Кардиолошката клиника во Охрид, заради значењето за градот, Институтот за нефрологија во Струга, целосна реконструкција, Институтот за белодробни заболувања во Отешево. Во Ѓорче Петов едно училиште ќе го реконструираме во дом за деца со тешки заболувања, за рехабилитација, во Кавадрци ќе го решаваме проблемот со кучињата скитници, во Радовиш, Конче и Василево поставуваме фотоволтаици на покривите на јавните институции, во Берово доградуваме детско одморалиште во дом за стари лица. Ќе ставиме акцент на опремување на општините со комунална опрема и ќе се обидеме да го решиме проблемот со амбулантни возила.

Економската и енергетската криза предизвикани првенствено од војната во Украина, сериозно ги погоди општините во земјава, а анализите од првите девет месеци во 2022 година, покажуваат катастрофален однос на општините во услови на криза.

-Војната во Украина, која предизвика економска и енергетска криза, многу сериозно ги погоди општините во земјава и им ги зголеми трошоците и поголем дел од буџетите за финансирање на трошоците за енергија. Во анализата на UNDP со податоци од деветте месеци, констатирани се ефекти кои говорат за катастрофално лош однос на општините во услови на енергетска криза. Со бројки, трошоците за енергија вкупно во општините во деветте месеци од 2022, се зголемиле за една милијарда денари. Општините тој трошок се обиделе да го надоместат со намалување на капиталните инвестиции, но таа милијарда ја надоместиле со намалување на капитални инвестиции за 1,9 милијарди или двојно повеќе и притоа ги зголемиле долговите за дополнителни 800 милиони денари, што говори за еден катастрофално лош или нерационален однос кон развојот на општините и кон граѓаните – рече Пенов.

Министерот потенцираше дека во иднина неопходно е прифаќање на инструментот финансиска децентрализација како што е замислен и како што има потенцијал да се развива.

-Кога сме кај финансиите на општините, 18 години по воведувањето, финансиската децентрализација не е искористена. Не е мрднато чекор напред и тука најиздашниот извор на приход, данокот на имот, е најмалку искористен. Се смета дека повеќе од 70 отсто од објектите не се евидентирани за да се оданочуваат. Комуналиите кои општините ги доживуваат како најинтересен извор на приход кога се бара дозвола за градење, се исти веќе 20 години, а гледаме дека околу нас се градат екстремно профитабилни објекти. Цените на становите растат, а комуналиите не успеваат дури ни да ја финансираат обврската на општината за дадениот објект и се држат на ниско ниво. Да не говорам за цените на комуналните услуги каде што има чист популизам. Во такви услови, спасот се бара во „дајте ми државни пари“, „дајте ни можност да се задолжуваме“, а сопствените ресурси кои стојат на располагање воопшто не се обидуваат да ги искористат. Следните години ќе бидат години на напори во тој правец заедно со USAID, UNDP, со фондовите од ЕУ работиме на промена на овие соодноси и прифаќање на инструментот финансиска децентрализација како што е замислен и како што има потенцијал да се развива, потенцираше Пенов на панелот „Рамномерен регионален и локален развој и придобивки од новиот систем за субвенции во земјоделството“.

Извор: Агротим

Зачлени се на нашиот е-билтен