Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Иво Антов: Манчевски излобира Закон со кој се криминално одлеани милиони евра

Не стивнуваат коментарите по објавената сторија на ЦивилМедиа со наслов: „Банана продукција, Милкман Продакшн и Милчо Манчевски – гаранција за успех на филм или тезга за големи пари?“.

Откако на својот Фејсбук профил текстот го реобјави продуцентот Томи Салковски, реагираа голем број културни работници, меѓу кои и продуцентот Иво Антов.

-Никој, за жал, не го комуницира фактот дека Манчевски лобираше (и му пројде) измени во Законот за филм, според кои само добитници на наградата која само тој ја добил (некогаш, одамна) може да си исплаќаат баснословни хонорари од државни пари. Со тоа, не само што е направена дискриминација на останатите македонски автори, туку се криминално одлеани милиони евра, директно во неговиот џеб. Ова што го објавувате е смешка за мали деца, во однос на тоа, пишува Антов на Фејсбук,

Претходно ЦивилМедиа објави дека пред повеќе од две години, Агенцијата за филм, преку соопштение „Како Милчо Манчевски извлекува милионски суми за проекти“ ги повикаа институциите да ги истражат постапките и да се позанимаваат „со хонорарите на режисерот“, ставајќи ја на располагање на институциите целокупната документација. Сепак, ниту Антикорупциска, ниту, пак, од Агенцијата за филм, не одговориле на прашањата зошто не е спроведена никаква постапка досега.

Манчевски не е печалбар во вистинска смисла, а Њујорк не е само негов дом, туку и седиште на компанијата „Милкман Продакшн“ која е во негова сопственост.

Според документите кои ги поседува ЦИВИЛ Медиа, оваа компанија е основана на 20.12.1996 година, а согласно договорот кој е склучен со „Банана филм“ ДООЕЛ, треба да го менаџира проектот за филмот „Врба“.

За овој филм конкретно, од Буџетот на проектот за режисерот (Милчо Манчевски) се издвоени 10.080.174 денари / 163.905 евра, а неговиот личен асистент и консултантот по историја чинат вкупно 516.850 денари / 8.404 евра.

За развој на сценариото Манчевски е платен 3.843.750 / околу 62.000 евра, а вкупниот развој на филмот чини 13.501.434 денари / 219.535 евра.

Сепак и покрај овие суми планирани во буџетот за филмот „Врба“, преку компанијата „Банана филм“ ДООЕЛ, на два пати се исплатени суми од 48,272,30 и 41,308 долари, или вкупно 85.000 евра, што според заедничкиот договор се префрлени за развој на филмот кој својата премиера ја доживеа во октомври 2019 година, а сумите се исплаќани на 24.09.2018 година и 17.05.2019 година, од каде не се гледа што точно развивал Манчевски. И од „Банана продукција“ не добивме одговор во оваа фаза што точно режисерот развивал во Њујорк“, пишува Цивил.

Зачлени се на нашиот е-билтен