Натпреварот меѓу домашниот фудбалски клуб „Шкупи“ и бугарскиот „Левски“ во Скопје помина во знакот на насилството и говорот на омраза со отсутво на натпреварувачкиот карактер и навивачкиот дух. Во време во кое политичко-општествениот контекст нуди простор за ширење на националистички наративи и говор на омраза не е за изненадување што меѓу вербалното иницираше и физичко насилство по улиците на Скопје.
На тема како се случи еден спортски натпревар, оценет од УЕФА како високо ризичен, да биде киднапирам од екстремизот и национализмот зборуваа Џабир Дерала и Дехран Муратов од ЦИВИЛ и проф,д-р Иван Анастасовски во панел дискусијата „Неславен ден за спортот: Насилство и говор на омраза во Скопје“.
„Сметам дека УЕФА, не знам од какви побуди не препорача да нема публика на натпреварот. Доволно за нив беше да каже дека тоа е натпревар од висок ризик. Вчера тој настан беше се само не спортски настан. Втората поента е дека малку непријатно изненадува однесувањето на дипломатскиот претставник на Бугарија, кој се разбира, оправдано го осуди насилството извршено врз еден од навивачите на Левски, меѓуутоа мислам дека можеше да направи повеќе, да ги пречека своите сограѓани, на граница ако треба, или да упати јавен повик, да биде меѓу своите сограѓани, да ги смирува, да превенира опасна ситуација, можел да се обиде да влијае кај властите во својата земја да го канализираат оваа насилство’, изјави претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала.
„Со оглед дека кај нас спротските натпревари, одамна не се спортски, тоа се претежно политички и имаат некаква порака. Ако ги слушнеме изјавите и пред да дојдат во Македонија бугарските навивачи и за време на нивниот престој во Македонија, во одредени медиуми каде што ги пренесоа, тие воопшто не зборуваа за фудбал. Тие зборуваа дека се во бугарска Македонија, свои на своето’, вели новинарот на ЦИВИЛ Медиа, Дехран Муратов.
„Вчерашниот натпревар мораше да биде многу посериозно сфатен од нашата држава. Ние сме во процес на уставни измени каде работите се зовриени. Чувствата се подигнати на највисоко ниво кај секој од нас, а имате наптревар со фудбалски клуб од држава која во моментот нас условно речено полиитчки не напаѓа и сака да не маргинализира. За жал, политичко-општествениот аспект на вчерашниот натпревар му го одзеде спротскиот дух, му го одзеде натпреварувачкиот карактер, му одзеде сè, а му даде само политичка конотација и националистичка реторика“, изјави проф. д-р Иван Анастасовски.
Б. Ј. (ЦивилМедиа)