Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Курти за случајот Клан Косова: Спроведувањето на законот не е напад врз медиумите

 Примената на законот против интересите за финансиска корист на моќните бизнисмени не претставува напад врз медиумите, изјави денеска косовскиот премиер Албин Курти, алудирајќи на одлуката на Министерството за индустрија, претприемништво и трговија (МИПТ) да ја суспендира дозволата за работа на телевизијата „Клан Косова“.

МИПТ вчера ја одби жалбата на телевизијата и ѝ ја одзеде дозволата за работа, а Клан Косова најави судска жалба.

Како што пренесе Бета, Курти со ова даде целосна поддршка на одлуката на МИПТ „да ги извршува своите должности против моќните интереси на богатите бизнисмени“.

Според него, спроведувањето на законот не го загрозува медиумскиот плурализам.

– Косово има 468 регистрирани компании чија примарна дејност се медиумите и 114 лиценцирани аудио или аудиовизуелни компании. Почитувањето на правилата за регистрација е законска обврска, а не „техника“. А примената на такви правила против еден престапник не го загрозува медиумскиот плурализам, напиша Курти на Твитер.

Тој додаде дека „во демократија, органите надлежни да одлучуваат за вакви случаи не престојуваат во кабинетот на премиерот“.

– Сепак, овие тела имаат целосна поддршка од нашата канцеларија во извршувањето на нивните должности, соочени со моќните интереси на богатите бизнисмени кои им се спротивставуваат. Слободите на медиумите се од витално значење: нападот врз нив е напад врз демократијата. Но, демократијата исто така е нападната кога моќни бизнисмени го прекршуваат законот со цел финансиска корист. А примената на законот против таквите луѓе во никој случај не претставува напад на слободата на медиумите, напиша Курти.

На случајот со одземањето на дозволата на телевизијата Клан Косова вчера реагираше и косовската претседателка Вјоса Османи, која рече дека мора да се расчисти секоја правна дилема што постои во овој случај и оти „очекува тоа да се направи со примена на законот, без мешање, врз принципите на непристрасност и интегритет“.

Вчерашната одлука на МИПТ ја осудија не само косовските политички партии и граѓанското општество, туку и амбасадорите на земјите од големата петорка и на Европската унија акредитирани на Косово.

Европската Унија и амбасадорите на земјите од Квинта групата акредитирани во Косово ја изразија својата загриженост поради одлуката на Министерството за индустрија, претприемништво и трговија да ја укине дозволата за деловно работење на ТВ Клан Косова.

Тие оценија дека тоа може да има последици за медиумскиот плурализам во Косово.

ЕУ и Квинта, која ја сочинуваат САД, Велика Британија, Германија, Франција и Италија, најавија дека очекуваат фер и транспарентен процес за решавање на ситуацијата.

„Многу сме загрижени што одземањето на деловната лиценца на Клан Косова е непропорционална одлука која ќе има последици за медиумската плуралност во Косово. Одземањето на лиценцата на кој било медиум е важен чекор кој бара ригорозно разгледување. Слободата на изразување и информирање се суштински карактеристики на демократските општества“, се вели во заедничката изјава. јт/

Зачлени се на нашиот е-билтен