Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

„Камерата Академика“ на „Охридско лето“: Квалитетен настап на словенечките дрвени дувачи

Слушнавме студиозно, до најситните детали, сработени музички партитури, чие озвучување беше проследено со сите потребни формални исцртувања, хармонски соединувања и раслојувања, артикулациска прецизност и динамичко фразирање

Александар Трајковски, музички публицист и педагог

Во првата августовска вечер, амбиентот на црквата „Света Софија“ го озвучи музицирањето на Камерниот ансамбл „Камерата Академика“ од Словенија, кој на фестивалот „Охридско лето“ настапува прв пат. Обично се ретки приликите кога во ваков простор, заради неговите специфики, можеме да слушнеме групна изведба на дувачки инструменти, па затоа, настапот на овој дувачки секстет претставуваше освежување во програмскиот концепт, пред сè од формациски, а потоа и од репертоарски аспект.

На ова концертно случување, имавме можност да слушаме музика изведена од шест искусни и докажани музичари, кои со своите уметнички креда го градат профилот на „Камерата Академика“ – Каролина Шантл – Жупан (флејта), Матеј Шарц (обоа), Јоже Котар (кларинет), Зоран Митев (фагот), Јоже Рошер (хорна) и Миха Рогина (саксофон). Станува збор за словенечки музичари, секој од нив со завидна изведувачка и педагошка позадина, професори на Музичката академија во Љубљана, а воедно и солисти на оркестарот на Словенечката филхармонија. 

Според она што на концертниот подиум го прикажаа словенечките дувачи, невозможно беше да не се забележи нивната стручна поткованост. Дури, напротив, токму искуството беше доминатно воочливо во текот на целиот перформанс. Имавме прилика да присуствуваме на една звучна компактност и прецизна усогласеност, како пример за функционирање на музички состав од ваков тип. Во тој контекст, слушнавме јасно изграден интерпретациски израз и техничка рафинираност. Слушнавме студиозно, до најситните детали, сработени музички партитури, чие озвучување беше проследено со сите потребни формални исцртувања, хармонски соединувања и раслојувања, артикулациска прецизност и динамичко фразирање.

На сложеноста и квалитетот на нивното изведувачко ниво, сосема очекувано, подеднакво му парираше сериозниот габарит на програмската содржина, поставена на две централни полиња – современото европско творештво и македонскиот музички креационизам. Иако, заради непопуларноста на избраните дела кај нас, вака обмислената програма не претставува атрактивен предизвик за пошироката публика, сепак, за вистинските познавачи и почитувачи на естетиката на современиот творечки правец, но и на љубителите на звукот на дрвените дувачи, ова беше концерт, профилиран со сите белези.

Уште на самиот почеток, со композицијата „Интрада“ на германско-американскиот композитор Бернард Хеиден, наменета за дрвено-дувачки квинтет и алт саксофон, „Камерата Академика“ ги постави цртите на интонативна беспрекорност, прецизно напластувајќи на линиите на секој инструмент, со вешто фразирање, суптилно отстапувајќи ѝ простор на саксофонската боја. Во цикличната композиција „Младост“, на чешкиот композитор Леош Јаначек пак, словенечките дувачи со особен технички виртуозитет ги насликаа неговите интересни музички идеи, креирајќи ја звучната атмосфера со надополнување на темните бои на ниските, со светлите, на високите инструменти.

Нивната уметничка креативност, првенствено дојде до израз при изведбата на композицијата „Sextuor“ на францускиот композитор од Алжир, Марк Ејшен, во која, низ троставичното движење, остварија богатство од динамички нијансирања и диференцирање на контрасти, проследени со кристално изразена артикулација. Истиот впечаток го изградија и во „SAXtet“, дело на словенечкиот композитор Симон Кравос, специјално посветено токму на „Камерата Академика“, а напишано за настапот на фестивалот „Имаго“ во Словенија, кое членовите на составот го изведоа со особена експресивност и чувство за мелодиско градење.

Она што сепак, најмногу го привлече вниманието на публиката и на што таа највеќе реагираше, е „македонскиот блок“, во кој камерниот дувачки ансамбл се претстави со три атрактивни музички композиции, полни со македонскиот мелодиско-ритмички фолклорен бит. Пред сè, тоа беше праизведбата на Варијациите за дувачки секстет на народната песна „Со маки сум се родил“, дело, чиј автор, композиторот Сашо Ливрински го напишал специјално за настапот на „Камерата Академика“ на „Охридско дело“. Овде, користејќи ги сите интерпретациски и технички капaцитети на дрвените дувачи, Ливрински создал издржана, комплексна и повеќеслојна музичка партитура со богата текстура, која инструменталистите ја изведоа мошне инспиративно и виртуозно.

Во истиот дух, беше и перформансот на аранжманите на хорските композиции „Кажи ми, кажи Катинке“ од Драган Шуплевски и „Македонска хумореска“ од Тодор Скаловски, кои фаготистот Зоран Митев ги аранжирал за дувачки секстет. Беше интересно да се слушнат овие дела од македонското хорско творештво, низ визурата на дрвените дувачи, изработени мошне прецизно, со една јасно диференцирана артикулација, особено изразена во „Хумореската“ на Скаловски.  

Крајот на концертот, врвните инструменталисти го зачинија со две атрактивни нумери за бис – „Скопско оро“ и „Дајте, дајте“, кадешто само го потврдија впечатокот за висококвалитетна интерпретација, изграден во текот на создавањето на целовечерната звучна слика.

Зачлени се на нашиот е-билтен