Мора да се покаже широчина и лидерство, дури и под дожд од провокации што доаѓаат од „другата страна“. На жешки прашања, кои може да предизвикаат тензии, одговорни политичари не додаваат оган, туку разговараат. Опасно е за сензитивни прашања да се ловат политички поени и да се гради рејтинг
Во пресрет на чествувањето на 4 Февруари, денот на раѓањето на Гоце Делчев, што ќе се одбележи во црквата Св. Спас во Скопје, имајќи ги предвид тензиите и говорот на омразата во јавната комуникација во двете земји, ЦИВИЛ упатува повик за разумно, мирно и достоинствено надминување на разликите.
По сите отровни стрели упатени едни кон други, сите општествено политички фактори треба да сфатат дека проблемите не се надминуваат со зголемување на тензиите и говорот на омразата, туку само се продлабочуваат. Тоа не е добро за граѓанките и граѓаните на двете земји.
Затоа, ЦИВИЛ ги повикува сите, без оглед на припадноста и убедувањето, било да се од бугарска или македонска страна, на утрешното чествување да кажат СТОП за омразата, предрасудите, насилството, национализмот! Како што им доликува на соседи, европски и демократски држави.
ЦИВИЛ повикува на разум, смиреност и дијалог со ладни глави, политичарите и сите општествени и политички чинители и во Бугарија и во Северна Македонија – да се фокусираат кон европската иднина, а не да се враќаат во минатото. Мора, и во безизлезни ситуации, да се најдат сили за разговор. А ситуацијата е далеку од безизлезна.
ЦИВИЛ најостро ги осудува говорот на омразата, делата од омраза и насилството кои произлегуваат од неспособноста или неподготвеноста да се води дијалог. Без оглед на „страната“ од која доаѓаат, деструктивните појави во општеството и на политичката сцена, без оглед на тоа дали се работи за политички, етнички или верски мотивирани инциденти – тие не може и не смее да се оправдаат и премолчат. Насилството и говорот на омразата никогаш, под никакви услови, не се соодветен одговор за ништо!
Ова, особено затоа што Бугарија е членка на ЕУ и со своето долгогодишно блокирање на македонската држава, негаторскиот однос кон македонскиот јазик и идентитет, и говорот на омразата од одделни високи политички претставници, го нарушува угледот и на сопствената земја, и на Унијата. Но одговорот на ваквото однесување, мора секогаш да биде смирен, аргументиран и конструктивен.
Популизмот и национализмот водат кон деструкција, а разговорот и дијалогот кон решенија.
Воинствената реторика е одраз на слабост и не им оди во прилог, ниту на бугарското, ниту на македонското општество. Особено ако „аргумент“ е минатото, а не иднината на двете земји.
Мора да се покаже широчина и лидерство, дури и под дожд од провокации што доаѓаат од „другата страна“. На жешки прашања, кои може да предизвикаат тензии, одговорни политичари не додаваат оган, туку разговараат. Опасно е за сензитивни прашања да се ловат политички поени и да се гради рејтинг.
ЦИВИЛ најостро го осудува секој акт на насилство, а особено актите кои произлегуваат од омраза кон неистомислениците или кон припадниците на различни заедници. Говорот на омраза и делата од омраза се меѓусебно поврзани, и претставуваат закана за човековите права и слободи, но и за развојот, безбедноста и стабилноста на едно демократско општество.
Имајќи предвид дека во двете земји се засилува говорот на омраза, ширењето и поттикнувањето на таквиот говор има посебна тежина, затоа што води кон злосторства од омраза, односно кон распламтување на националистичките страсти. Особено е опасно кога таквиот говор го применуваат политичари, интелектуалци, новинари и други личности со поголемо општествено влијание.
Тоа мора да престане! ЦИВИЛ повикува: ДАЈТЕ Ѝ ШАНСА НА ИДНИНАТА!