Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ВИДЕО „Кајмак“ на Манчевски на црвениот тепих на Сараевскиот филмски фестивал

Извонреден прием со преполно гледалиште, многу смеа и апалаузи имаше синоќа „Кајмак“ на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски на Сараевскиот филмски фестивал.

Актерката Ана Стојановска во спектакуларно издание освои со настапот на црвениот килим со екипата на „Кајмак“ заедно со режисерот Манчевски, колегата Филип Трајковиќ и продуцентот Јане Ќортошев, пред проекцијата во програмата Open Air во која на отворено се прикажуваат хитовите на годината.

„Кајмак“ ќе продолжи да игра и во кината низ БиХ.

„Со ‘Кајмак’ го омрсивме Сараево. Убаво е кога некој ви ја цени работата, трудот и уметноста“, изјави Манчевски кој во Сараево има третман на легенда на европската кинематографија.

Како и вобичаено, неговото присуство на фестивалите предизвикува голем интерес кај медиумите, а во Сараево покрај бројните беше ангажиран и за три големи, детални интервјуа за Радио БиХ, Танјуг и телевизијата Н1. Како гостин на Фестивалот, Манчевски доби и почесно место на вечерата со годинешните лауреати, шкотската режисерка Лин Ремзи и американскиот оскаровец, сценаристот Чарли Кауфман.

Во оваа македонско-данско-холандско-хрватска копродукција, поддржана од Еуримаж, главните улоги ги толкуваат: Сара Климоска, Александар Микиќ, Камка Тоциновски, Ана Стојановска, Сара Спировска, Филип Трајковиќ и Петар Мирчевски. Директор на фотографија е Данецот Улрик Боел Бенцен, монтажер Холанѓанецот Емил Нуненга, музиката е на Данскиот гудачки квартет и на Игор Василев-Новоградска, дизајнер на продукцијата е Британецот Дејвид Манс, дизајнер на шминка Италијанецот Марио Микисанти, а кастинг директор е нашата Милка Анчевска. Продуцент е Јане Ќортошев, а копродуценти Мета Фолдагер, Мете Борч, Синиша Јуричиќ и Елс Вандеворст. Извршен продуцент е Ијан Прајор.

„Кајмак“ овој месец продолжува со успешниот фестивалски живот, а на 23 август ќе биде и американската премиера на 33-то издание на Синеквест во Калифорнија, еден од најголемите и најреномираните независни фестивали на американскиот континент, специфичен по програмата што поддржува иновативни и креативни уметнички дела. До крајот на август и почетокот на септември, „Кајмак“ ќе биде прикажан на уште четири европски фестивали. Во јуни „Кајмак“ ја имаше и данската премиера во Копенхаген.

Зачлени се на нашиот е-билтен