– Процесот започна со 70 гласови „за“ дневниот ред, а имаме 73 гласови иако некои сакаа да биде помалку. Стана јасно дека СДСМ и европската коалиција се за продолжување на евроинтеграцијата, а опозицијата е за блокада на патот на Северна Македонија во ЕУ. Исто како што беше против зачленувањето во НАТО. Поминавме процес на уставни измени и сега сме горди што сме земја членка на НАТО, особено кога се води војна на континтентот, истакна вечерва премиерот Димитар Ковачевски во интервју за ТВ Сител.
Премиерот Димитар Ковачевски кажа дека утре ќе има формален состанок со претседателката на Европската комисија Урсула вон дер Лајен, а дел од темите ќе бидат и уставните измени.
Прашан за тоа што ќе направи СДСМ за да ја убеди опозицијата да ги поддржи уставните измени, премиерот одговори:
– Вие знаете дека ова е прашање кое е од стратешки интерес и за Северна Македонија и за ЕУ, како никогаш досега. И тоа во светло на геополитичките случувања кои се случија во Европа по војната во Украина. Знаете дека тоа е едно од прашањата кои се на високо на агендата и на САД. Не случајно тука беше еден од нивните најеминентни сенатори, г. Марфи, потоа имав средба со државниот секретар Блинкен и не случајно и претседателот на ЕК и на ЕС и голем број на претседатели и премиери имаа говори во нашето Собранието. Што значи дека се работи за заеднички, стратешки интерес како ретко кога досега. Првпат досега се случува ветото за нашата држава да не доаѓа од надвор, туку од внатре, и од внатре од истите луѓе од кои секогаш имало блокади. Само да ве потсетам, 2008 година ние можевме да имаме решение со Грција, меѓутоа тогашната Влада на ВМРО – ДПМНЕ реши дека не треба да има. Влезе во бесконечни избори во кои пред секој ветуваше и на странците и дома дека сега ќе направеле компромис, за да на крај добиеме решение кое е полошо од тоа што можевме да го имаме во 2008 година. Сега она што го гледаме е потполно исто, – дајте ни власт, па ние ќе ви кажеме какво решение ќе имаме. Ќе ве потсетам на територијалната поделба. Кога беше поделбата на дневен ред, истото тоа ВМРО – ДПМНЕ правеше референдуми, правеше хистерија во општеството, дајте ни власт и ќе ја смениме територијалната поделба. Ја сменија? Не ја сменија, кажа Ковачевски.
За Ковачевски е индикативно што ВМРО – ДПМНЕ не определи свој пратеник од политичката партија да ги изнесе нивните ставови. Туку ставовите на нивната пратеничка група ги изнесе независен пратеник.
– Тоа остава простор да се разговара нормално на сите нивоа со ВМРО – ДПМНЕ со цел да се убедат дека сега е моментот да се донесе оваа важна одлука бидејќи сега е годината кога прво, можеме да ја одржиме втората меѓувладина конференција, таа е веќе закажана според преговарачката рамка и второ, е пред изборите во ЕУ. Идната година во ЕУ има европски избори, потоа ќе има нова ЕК, ЕС итн. Што секако дека ќе ги усложни работите, рече Ковачевски.
Тој ги повика пратениците да ги поддржат уставните измени.
– Не може на Мицкоски ако му се седи во чекалната десет, дваесет години сите да седиме во чекалната исто како што тоа го правеше неговиот претходник Никола Груевски. Ако седи во чекалната тогаш ме потсеќа на неговиот претходник, кој отиде во земја членка на ЕУ и НАТО, во Унгарија, а не во Таџикистан, рече во интервјуто за ТВ Сител премиерот Ковачевски.