Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Јоурова и Рејндерс по повод Денот на жртвите на тоталитаризмот: За нашата и за слободата на Украина не може да се преговара

Потпишувањето на пактот Молотов-Рибентроп пред 84 години, по што следеше почетокот на Втората светска војна, отвори едно од најтемните поглавја во европската историја и на овој важен датум за историјата на нашиот континент им оддаваме почит на безбројните жртви на тоталитарните и авторитарни режими, се вели во заедничката изјава на потпретседателката на Европската комисија за транспарентност Вера Јоурова и комесарот за правда Дидие Рејндерс по повод 23 Август – Сеевропскиот ден на жртвите на сите тоталитарни и авторитарни режими.

– Повторно потврдуваме дека нивниот спомен не е заборавен и ја реафиримираме нашата посветеност да направиме се што е во наша моќ за да спречиме никогаш да не се повторат вакви трагедии. Меѓутоа, во февруари минатата година, Европа и целиот свет со ужас и неверување гледаа како Путин ги враќа војната, прогонот и илегалната окупација на нашиот континент. Рускиот државен апарат ја искривува историјата и шири заговори за труење на нашите демократии со злонамерни дезинформации. Ќе продолжиме со нашата работа за промовирање на сеќавањето и обезбедување факти за отстранување на ваквите искривувања, се наведува во изјавта.

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, Јоурова и Рејндерс додаваат дека денес Украина и нејзиниот народ се борат за мир и демократија и дека ЕУ ќе продолжи да ја поддржува земјата онолку долго колку што е потребно, бидејќи „оваа војна е за одбрана на нашите демократии“, а за „нашата и за слободата на Украина не може да се преговара“.

– Повторно, во Европа, животите се изгубени поради војната, семејствата растргнати од омраза и прогон. Но, историјата и денес може да ни даде надеж. По Втората светска војна изградивме мирна Европа, Унија на демократии. Изградивме силни демократски институции во земји кои, не така одамна, живееја под задушувачкиот јарем на авторитаризмот. Ги надминавме војната и угнетувањето за да живееме како слободни и еднакви граѓани, во Унија изградена на мир, демократија, владеење на правото и основни права. Ја поминавме историјата на страв и национализам за да изградиме заеднички проект на мир и унија. Нека овој ден биде постојано потсетување на нашата одговорност да го поддржуваме мирот, демократијата и сите вредности врз кои е основана Европската Унија, додаваат Јоурова и Рејндерс во заедничката изјава по повод Сеевропскиот ден на жртвите на сите тоталитарни и авторитарни режими.

Овој ден се одбележува од 2009 година кога Европскиот парламент усвои резолуција со која се повикува на „прогласување на 23 август за Ден на сеќавање на жртвите на сите тоталитарни и авторитарните режими и за негово достоинствено и непристрасно одбележување“.

Зачлени се на нашиот е-билтен