Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Марош Шефчович именуван за нов извршен потпретседател на Европската комисија

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска го именува потпретседателот на ЕК за меѓуинстутционални односи Марош Шефчович за нов извршен потпретседател на Комисијата задолжен за спроведување на Европскиот зелен договор.

Шефчович доаѓа на местото на Франс Тимерманс, кој се повлече од Европската комисија за да биде кандидат за холандски премиер на блокот на неговата Лабуристичка партија (ПВДА) и Зелената левица (ГЛ) на парламентарните избори во Холандија закажани за 22 ноември.

При именувањето на Шефчович, фон дер Лајен истакна дека тој е еден од најискусните членови на нејзиниот тим, кој „во минатото успешно се справуваше со најпредизвикувачките досиеја“,

– Со истиот ентузијазам тој ќе биде задолжен за спроведување на Европскиот зелен договор, истакна Фон дер Лајен.

Според неа, негов приоритет сега ќе биде усвојувањето на новото законодавство за климата насочено кон успешно спроведување на Европскиот зелен договор, кој би претставувал „европска стратегија за раст“.

Фон дер Лајен, при тоа, му изрази благодарност и на Тимерманс за, како што рече, неговата „страсна и неуморна работа за да го направи Европскиот зелен договор реалност“.

Шефчович, кој е член на словачката партија Насока – Социјална демократија (СМЕР-СД), ја презема новата должност во време кога расте бројот на противниците на климатската политика на ЕУ, пред се околу прашањето за намалување на емисиите на гасови што го предизвикуваат ефектот на стаклена градина, кое се очекува да предизвикува дополнителни трошоци за компаниите.

Тој е член на Европската комисија од 2009 година кога беше именуван за еврокомесар за образование, култура и млади, а веќе следната година стана потпретседател на ЕК за меѓуинстутционални односи. Во 2014 година ја презеде должноста еврокомесар за енергија, за од 2019 година одново да се врати на местото потпретседател за меѓуинстутционални односи.

Во својата досегашна работа во Европската комисија, Шефчович беше задолжен за воспоставување на односите со Велика Британија по Брегзит, а во 2012 година еден месец беше и вршител на должноста еврокомесар за здравство по оставката на Џон Дали. Тој беше задолжен и за заедничката набавка на гас во ЕУ по руската инвазија на Украина, а во 2019 година посредуваше во постигнувањето на договорот меѓу Москва и Киев за непречено снабдување со гас на поторшувачите во Европа. 

Зачлени се на нашиот е-билтен