Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Бегај по средбата со Османи: Никој не може да го доведе во прашање суверенитетот на Косово, кое е од национален интерес на Албанија

Албанскиот претседател Бајрам Бегај на заедничката прес-конференција со колешката од Косово Вјоса Османи, која денеска допатува во дводневна официјална посета на Тирана, на заедничката прес-конференција, меѓу другото,  ја коментираше ситуацијата на северот на Косово.

Високо оценувајќи ги чекорите што ги презема Косово за деескалација на ситуацијата во општините со мнозинско српско население, Бегај нагласи дека „никој не може да разговара за суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово“.

-И покрај провокациите за предизвикување тензии на северот на Косово, како и дејствувањето на злонамерните трети актери, потребна ни е поблиска интеракција со нашите партнери, САД и ЕУ. Никој не може да го доведе во прашање суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово и правото на спроведување на Уставот. Ги поздравив преземените чекори за деескалација на ситуацијата. Дијалогот со посредство на ЕУ и САД е единствениот пат до мирот, рече Бегај.

Тој ја изрази целосната поддршка и посветеност на Албанија да придонесе во дијалогот Косово-Србија.

Албанскиот претседател оцени дека е неопходна многу подобра координација меѓу двете земји со цел „признавање на Косово од други земји“ и дека „Албанија силно ги поддржува аспирациите на Косово за евроатлантска интеграција“.

-Никој не треба да се прашува зошто Косово е национален приоритет на Албанија. Ова беше и останува мотото на секој граѓанин во Албанија, затоа уште еднаш ја потврдив мојата и на албанската држава поддршка за Косово насекаде, на секој регионален и меѓународен форум. Стратешкиот карактер меѓу нашите две држави е од неотуѓиво значење и со единствена улога за стабилноста, безбедноста, одржливиот развој и евроатлантската перспектива на целиот регион, рече Бегај.

Претседателката Османи истакна дека целосната стабилност во регионот ќе се случи кога Србија ќе го признае суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово.

-Координацијата со нашите пријатели и сојузници е предуслов. Дијалогот продолжува, целосна стабилност ќе се постигне кога Србија ќе го признае суверенитетот на Република Косово, рече таа.

Османи обвини дека „Србија е таа што ја влошува состојбата во регионот“.

-Мораме да ја видиме целата слика таква каква што е. Србија илегално внесува оружје во Косово. Тренира делови од нелегалните структури во српската армија за потоа да создава проблеми. Постојано ги заплашува и тероризира српските граѓани кои живеат на север. Значи ова е предизвик за целиот наш регион. Не треба да дозволиме (српскиот претседател Александар) Вучиќ да го прошири својот план во регионот, порача Османи.

Според неа односите меѓу Албанија и Косово се односи меѓу сестри, бидејќи тие се најискрени односи и затоа „очекуваме Албанија да биде нашиот глас на форумите каде Косово сè уште не е дел“, најавувајќи засилување на координацијата што е во интерес на двете земји.

Османи ќе се сретне и со премиерот Еди Рама и претседателката на парламентот Линдита Никола.

Ова е прва официјална посета на Османи на Албанија по изборот на Бегај за шеф на албанската држава, кому, пак,  прва дестинација надвор од Албанија, по изборот, му беше токму Косово. 

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново