Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Мицкоски и неговото политичко ништо

Мицкоски е единствениот македонски Бог, или барем така тој сака да верува, затоа што тој е тука да мисли, а ние сите треба да му се воодушевуваме и спроведуваме

Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ

Со години го слушам кај што беседи дека е – жртва; со години го слушам кај што изигрува – отпадник; денес, гледаме, сака да биде победник и конечно седне на премиерското столче (ајде, море, седни веќе еднаш!). Само една работа не разбирам: како тоа, оние кои ја движат земјата кон Европа, за таквите се вели дека ја бранат власта, а оние другите, нели, кои ја рибичат власта велат дека не се власт (а локалната власт чија власт е, о, море, ѓутуруми?), односно велат за себе дека биле „морални“ и „етични“ опозиционери!?

Мицкоски е единствениот македонски Бог, или барем така тој сака да верува, затоа што тој е тука да мисли, а ние сите треба да му се воодушевуваме и спроведуваме. А бидејќи има прочитано сè што треба да се прочита, нам ни вели дека не треба ништо да читаме – Мицкоски прочитал сè и за нас. А тоа што не го прочитал, ни го објаснува усно, реторички, на рати, ни го џвака во секвенци, дел по дел, за да не мора да се мачиме.

Кој е всушност Мицкоски, оти гледам дека има и некои други онтолошки согледување за неговиот персоналитет? Загатката е совршено лесна: професорче на факултет, доктор за ОНА или ОВА, или човек кој во својот „дијалектички материјализам“ го преживеа Груевски и Заев, и стана генерал на туѓа војска која некој друг претходно ја форматирал и „пелцувал“. И сите тие луѓе, молчешкум, дремат пред телевизорите и видео-клиповите на социјалните мрежи, го слушаат генерлот Мицкоски што има да ни каже.

А што всушност Мицкоски има да ни каже? Совршено ништо. И тука лежи целата замка. Еднаш, Енди Ворхол го изјави следното: „јас немам што вам да ви кажам“, и уште не му беше јасно како луѓето не приметуваат така очигледна вистина. Последната изјава на Мицкоски, одеше нешто од прилика вака: „Зошто да се видам со германскиот министер Рот, зошто не ми се јави и ми каже дека сака да се видиме“? Оваа „автопоетична“ изјава со внимателно дозирано (авто)ирониско полнење има минимум две места и едно дупло дно кое треба да се лоцира: неговото ништо се „уфилмало“ дека е нешто, па уште надмено се „куробреца“ дека тргнува кон некое спектакуларно нешто. Таква е таа десничарска метафизика: ништо кое мисли дека е нешто! И оттука беше урнебесно смешно кога Мицкоски му го „спушти“ на германскиот министер Рот. Вистина е дека од граѓанинот Мицкоски излегуваат некои зборови, дури понекогаш и „многу зборови“, ама вистината е дека во таквите зборови совршено нема ништо.

Па, добро, море, црни Ненаде, ако нема ништо, тогаш човекот за ништо не е виновен, нели? Ако зборува ништо, делува со ништо, тогаш човекот не може да биде одговорен за ништо, нели, така, море!? Се плашам дека работата е малку посложена одошто изгледа.

Добро, во мисловна и интелектуална смисла, во стратешките интереси на државата и нејзините граѓани, Мицкоски е ништо; од друга страна, таа духовна сирота раја која го слуша, не може да разбере што всушност гледа и слуша, не може да открие каде е тука „заебот“. Таа мицкова реторика во политичка и морална смисла е минус бесконечно, ама сепак, таквата реторика не значи дека не постои меѓу граѓанството. Исто како што бројката нула е легитимен, неизоставен дел од некој број; oдземете ја нулата и бројот исчезнува, се претвора во нешто друго.

Претварајќи се во ништо, реториката на Мицкоски ги надминува обрасците на ветерница. Земете му ја  „светата Партија“, кавгите со Европските високи претставници, и од него нема да остане ништо. Затоа Мицкоски за тоа ништо цврсто се држи – и од надвор гледано – самиот себе се обвинува и брани. Влегуваш, пријателче, отаде, влегуваш преку границите на „доброто и злото“, и сè што ти останува е очајничко битисување во кое се обидуваш целиот свет да го привлечеш на таа страна. Ама таквото делување секогаш на исто завршува: некое време ти оди добро, а потоа копчето ќе пукне, па ти и светот се разминувате. На крајот ќе излеташ на „темната страна од историјата“ верувајќи дека твоето ништо сè уште одекнува во бескрајниот вакум. Се разбира дека нема ништо и од тоа.

Неговото политичко ништо е премногу банално, а баналноста има краток одек и домет, согорува уште во стратосферата.

Извор: Frontline

Зачлени се на нашиот е-билтен