Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Акција на српската полиција, уапсени 12 педофили кои на интернет демнеле жртви од 7 до 14 години

Во полициска акција Армагедон, низ цела Србија, уапсена е група од 12 педофили, поради сомнение дека сториле кривични дела прикажување, прибавување и поседување порнографски материјал и искористување малолетник за порнографија и сексуално вознемирување, јави дописникот на МИА од Белград.

Тие се осомничени во подолг временски период, преку Интернет, со користење апликации за споделување датотеки, преземале, чувале на хард дискови и делеле содржини создадени со искористување деца за порнографски цели, а исто така, преку социјалните мрежи, од нивните налози влегувале во комуникација со малолетници, испраќале фотографии и видеа од порнографски содржини и прибирале содржини кои произлегуваат од експлоатација на малолетници.

При претрес на становите на осомничените и увидот во комјутерите, пронајдени се поголема количина видео клипови и фотографии создадени со искористување малолетници за порнографски цели, содржини за сексуална експлоатација на деца на возраст од 7 до 14 години и други фотографии и видеа од експлицитна злоупотреба на деца за порнографски цели, како и пораки со сексуална содржина со кои осомничените сексуално вознемирувале деца и малолетници.

На осомничените им е одредена мерка притвор до 48 часа и со кривична пријава ќе бидат изведени пред надлежното обвинителство.

Акцијата Армагедон е започната во 2010 година и во неа досега се уапсени стотици луѓе.

Во Србија се регистрирани 675 педофили. Последното апсење на осомничени за педофилија дојде само неколку дена откако Министерството за правда објави заострување на законските казни за силување, обљуба на ранлива личност и обљуба на дете, за кои е предвидена казна и доживотен затвор. 

Зачлени се на нашиот е-билтен