Костадиновска-Стојчевска: Сите национални установи и институции на културата ќе бидат во служба на „Скопје 2028“.

„Европската комисија донесе одлука – Скопје е избран за Европска престолнина на културата за 2028 година“, објави на социјалните мрежи министерката за култура Бисета Костадиновска-Стојчевка.

Костадиновска-Стојчевска уште нагласува дека „македонската култура успеа, Скопје заслужено ја доби престижната титула „Европска престолнина на културата за 2028 година“ и денес сите заедно треба да сме горди на нашиот главен град“.

Одлуката ја соопшти Европската комисија денеска во Брисел, по вчерашната презентација на апликациите на двата града кои беа во потесен избор, меѓу кои и презентацијата на нашата македонска делегација.

„Скопје ја доби довербата за организација на годината во која ќе се слават македонската и европската култура, во нашиот главен град и во земјава“, потенцира министерката за култура во својата објава на социјалните мрежи.

Во објавата таа вели дека „како Влада и Министерство за култура, пред Европската Унија ги докажавме нашите иницијативи, како и целта кон која се стремевме уште од самите почетоци, за што и говорев при моето обраќање на презентацијата во Брисел“.

Таа им честиташе на Црна Гора и на претставниците од прекрасната медитеранска Будва, градот кој беше во потесниот избор со Скопје.

„Изборот на Скопје за престолнина на културата е голем успех за македонската култура. Честа е огромна, а ние сме подготвени да одговориме на предизвикот. Во овој капитален проект за секој град и држава од Европа се вложува со години однапред и по завршувањето на годината на манифестација“, пишува Бисера Костадиновска Стојчевска.

Препознавајќи ја суштината, вредноста, но и тежината на титулата „Европска престолнина на културата“, потенцира Костадиновска-Стојчевска, Владата, преку Министерството за култура, се обврза на безрезервна поддршка, и финансиска и кадровска и инфраструктурна. Сите национални установи и институции на културата ќе бидат во служба на „Скопје 2028“.

„Скопје радост ти ќе бидеш!“, напиша по овој повод министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Зачлени се на нашиот е-билтен