„Се проширува политичкиот спектар и тоа е добро за демократијата на едно општество. Од друга страна, сите политички субјекти се формираат на ниво на вредност, на ниво на идеали, на идеологија којашто се промовира во тој поглед. Јас, реков дека Социјалдемократскиот сојуз е стожерна партија една голема коалиција со огромен коалиционен потенцијал којшто се базира на тие вредности и идеали коишто ги имаме“, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на „Тема на денот“ во Дневникот на Сител во поглед на новооформената партија на Димитриевски „Знам“.
„Секогаш во политиката има простор за соработка ако тоа е на ниво на вредности и идеали за која и да е политичка партија“, рече Спасовски.
Во однос на помирување со Груевски, Спасовски рече дека зависи што е помирувањето, и дека дека е најдоброто помирување ќе биде во моментот кога секој ќе одговара за своите криминали и тука не треба да има компромис за луѓе кои направиле сериозни штети на државата, на демократијата, на многу процеси во државата и за тоа се водат постапки за кои секако треба да се носи одговорност, затоа што неносење на одговорност продуцира и некаква друга друга одговорност.
„Никогаш не можете човек којшто се бара со меѓународни потерници да го барате на друго место ако се појави, освен да биде во затвор“, заклучи Спасовски.
Спасовски за кандидатура на претседателски избори вели дека за овие прашања ќе се разговара во органите на партијата, како што впрочем и се разговара секогаш.
„Прво, има уште долго време до изборите, и јас сега не сакам ниту да дебатирам на претпоставени прашања ниту пак на опции, за тоа дадов неколку пати одговори, ниту сум пак јас тој што ќе носи било какви одлуки во однос на изборните процеси. За овие прашања ќе се разговара во органите на партијата, како што се разговара и впрочем секогаш и тогаш ќе си биде донесена таква одлука каков ќе биде настапот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија пред или после изборите и тоа не е ексклузивно право на ниту еден поединец Тоа е право на оние коишто се дел од органите, истакна Спасовски.
Тој посочи дека партијата има претседател, има раководство на партијата, коешто ќе разговара за настапот на претседателските избори и посочи дека неговиот став е многу јасен, односно дека проевропскиот фронт предводен од Социјалдемократскиот сојуз којшто има јасна визија, прави се државата да се движи во добар правец.
„Деновиве се изнаслушав разни шпекулации, информации и мислам дека одговарањето на ваквите шпекулации беспотребно ја троши енергијата и не оддалечува од целта. Јас напоменувам дека сум концентриран исклучиво на обврските на коишто ги имам во Министерството за внатрешни работи, кон граѓаните, бидејќи тоа ни е најважна работа“, посочи Спасовски.