Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ердоган призна дека по разорниот земјотрес помошта не пристигнала со посакуваната брзина

Помошта „не пристигнува толку брзо како што се надевавме“, по првпат призна денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, пет дена по земјотресот во кој загинаа повеќе од 22.000 луѓе во Турција и Сирија.

„Разорувањето погоди толку многу згради… што за жал не можевме да интервенираме толку брзо како што се надевавме“, рече Ердоган за време на посетата на јужниот град Адијаман, погоден од катастрофата.

„Во тој период можеби имаше пропусти, технички проблеми, но ние сме со нашето население со сите наши ресурси“, потенцира Ердоган.

Тој рече дека Турција го формирала можеби најголемиот спасувачки тим во светот со 141.000 спасувачи.

Турскиот претседател, кој е на власт 20 години и сака да остане на функцијата по изборите закажани за 14 мај, уште во средата призна дека имало „неуспеси“ во одговорот на земјотресот, додавајќи дека е „невозможно да бидете подготвени за таква катастрофа“.

Преживеаните во погодените територии силно го критикуваат шефот на државата за бавната испорака на помошта.

Најмалку 19.000 тела беа пронајдени во урнатините за време на петдневната потрага во веќе најразорниот земјотрес што ја погодил Турција од 1939 година, кога загинаа 33.000 луѓе.

Турција и Сирија во понеделникот беа погодени од два силни земјотреси со јачина од 7,8 и 7,5 степени. Подоцна следеа земјотреси со помала јачина.

Извор: МИА

Зачлени се на нашиот е-билтен