На прашањето каде би сакале да студираат или кои земји повеќе би сакале да ги посетат, младите од земјава ги избираат западните земји, наспроти Русија или Кина.
Во последната анкета на „Внимание, внимание“ објавена на „Трн.мк“, младите откриваат дека побрзо би избрале да одат на одмор во Барселона, наместо во Пекинг и дека на западот е подобар животот, животниот стандард, а местата за посета ги опишуваат како прекрасни.
За Русија велат дека нема политичка слобода, но и дека не е ништо посебно за посета, па дури ја споредија и со Балканот, како веќе видено.
На прашањето каде би студирале, младите одговараат дека дефинитивно би избрале да студираат во западните земји поради подобрите услови, подобриот стручен кадар и повредни дипломи.
Анкетата „Внимание, внимание – зборуваат граѓаните“, се емитува на каналите на „Трн“ (на Фејсбук, YouTube, и на Инстаграм) и нејзината цел е да се чуе гласот на граѓаните, посебно на младите. Гласот на граѓаните нѝ го претставува артистот Дениз Абдула, а продукцијата е на „Трн.мк“.