Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Друг ги испорача „добрата“

Тоа што амнестираните од ВМРО-ДПМНЕ си киснат по телевизии и што кочничарката на Македонија, самонаречената ВМРО-ДПМНЕ, умислено си игнорира дека криминалците се од нивните редови, дека извршната власт има „страшна“ вина што не обезбедила „правда“ против „некои си“ криминалци, но нивните „политички прогонети“ со ѓон-лице пак може да си се кандидираат за функции….

Емилија ЦЕЛАКОСКА

Со колку лесна рака денес во демократија (каква-таква) некои говорници зборуваат за високи критериуми за структурните основи на општествово како што е правичноста. Таа, која упорно сомнително кога ќе кажат „правда“, за едни значи „одмазда“, а за други – „специјална привилегија“. Истата, која со масовното прислушување, носењето неправични закони и апсења беше измалтертирана до смрт, сега се бара да е на ниво на Кантовска Барби, а таа уште не може да оздрави од истата стара лепра од времето на заробеното општество. Се разбира дека идеалот (Кантовската Барби од правичност) е казните да бидат непристрасни и да служат за изедначување на секој граѓанин пред судот при што правичноста како идеал да претходи, да е услов за напишаното во законите. Само што овде, секојдневното опевање на идеалот за правичност кај нас, добило својства на вештерката-кралица од бајката за Снежана – и грда вештерка трујачка, и убава кралица која суетно му го поставува прашањето на огледалото кој е најубав на светот. Односно, намерите на нашиот говорник при контрастирањето на убавата Кантовска Барби со „правдата“ во нашето општество се грди и отровни, затоа што заведува и спроведува платонски вознес за, како огледалото, да си речеме „да, идеална правдо, најубава си“ со поента да ја мразиме нашата лепрозна пациентка во реалноста која долго го чека својот лек. Тоа е и пропагандниот отров: Контрастирањето е добра алатка за решавање проблеми кога се однесува на блиски градации на алатки кои ни се потребни, но знае да биде и многу штетно кога служи за компарација на големи спротивности, а во која се вклучени индивидуи или колективи, бидејќи не води до чекорчиња за решавање на проблемот, туку само создава анксиозност од контрастот, во кој лошото изгледа уште полошо, а доброто – недостижно.  

Тоа што ова општество уште не стигнало до тој, близок-до-идеалот стандард, не кажува дека е толку назадно што не го бива, не го бивало и нема да го бива, како што уживаат да заклучат говорниците. Настрана што ваквите заклучоци влегуваат во отровот. Тоа е, меѓу другото, и да не помислиме случајно дека нашите говорници и медиуми се необјективни – црните „прогнози“ вештачки се туркаат за критериум за објективност, а оптимизмот вештачки го резервираат само за наивните, нереалистичните, пристрасните, или ете, чувај-боже – необјективните. Што значи, за да излезеш во јавност со тврдење, според овие вештачки критериуми, тоа мора да е црно-депресивно за да звучи реално. Но, тврдам дека тоа е само воспитание и навика, навистина, реалноста не може да е постојано црна и нерешлива: Најмалку е пола ваква – пола таква, и тоа, пола-пола е случајот кога не вклучуваме мозок во равенката (не знам кој носи рандом одлуки, со фрлање паричка, на пример). А со вклучен човечки мозок, редовно со способност да бара решенија (до одреден степен тоа го има дури и кај животните!), реалноста е повеќе на светлата страна. Не случајно се вели проСВЕТИтелство. Ова значи дека медиумската пропаганда има за цел да ги зголемува „можностите“ на темната страна на нерешливоста со помош на психолошка алатка, правејќи комплекс од барањето решение или исмевање на надежта за решение.

Оваа компарација меѓу идеалното и тековното од нашите говорници е во иста насока како во случаите на лошиот однос родител-дете-наставник во едукацијата: Некои родители го фрлаат во депресија своето дете кога носи лоши оценки и вршат притисок врз наставникот, наместо дневно да посветат макар 1 час во градење на структурата која ќе овозможи поголем успех. Сепак, во основа, и покрај извитоперените проповеди во етерот за идеалот на правичност, самата свест за идеалот укажува дека имаме предвид како треба да изгледа правичноста и како народ не заостануваме зад други во сфаќањето што таа значи, така, за идно небивање не може да стане збор. Се препознаваат во пропагандата елементи и техники кои се обиди за фиксирање на стандардот на правичноста кон нешто што личи на „линч“, „мило за драго“, „одмазда“ итн., во која се крие поттик да мислиме кој ќе биде „одмаздникот“, а кој „жртвата“, нешто тотално спротивно на правичност.

Но, тука почнува вториот чекор во пропагандниот алгоритам. Има уште едно вртење кон црно со следната „мајсторија“ на заклучување: „Кој е виновен?“ Одеднаш ни се сервираат личности со наметнување карактеризации, небаре тие говори за нечии особини се истражувачки факти од лабораторија или од документирана истрага за неа. Се поместува вината во личности, како да е таа фигуричка на табла или игла за вуду-кукла. И на крај, користејќи го бајасот за хало-ефект (тип на secundum quid недоследност), нивното опкружување (или како што кратко велат – „власта“, на пример, или институција итн.), би морало да биде целото „никакво“, како и таа личност. Според овој правец на пропагирање, оваа власт е виновна, затоа што не ја излечила нашата „правда“ до Барби-состојба од правдоцидот во груевизмот – велат парадоксално баш приврзаните на груевизмот, или, пак, оваа власт е виновна затоа што не ги користи истите груевистички правдоцидни методи врз денешната кочничарска петта колона во институциите.

Според овој правец на пропагирање, оваа власт е виновна, затоа што не ја излечила нашата „правда“ до Барби-состојба од правдоцидот во груевизмот – велат парадоксално баш приврзаните на груевизмот, или, пак, оваа власт е виновна затоа што не ги користи истите груевистички правдоцидни методи врз денешната кочничарска петта колона во институциите.

За едукативна споредба на ваквото „оценување“ на вина (бидејќи секаде кадешто се резонира има врска со едукација),  црно-боениот колектив („власта“, некоја институција, повеќе институции…) е вака врамен: Како да му е зададена задача на студент да ре-креира функционален струен генератор, ама стриктно од картон, така што, од неуспехот да функционира тоа, да интерпретирате дека студентот е – слаб студент. А всушност, нашата картонска „правда“ е токму на таков начин „функционална“ во судскиот систем, па ако сме правични (како за правичната констатација дека од картон не бива струен генератор дури и од одличен студент), тогаш би требало „иглата“ на критиката да е за судството, во таа „вуду-кукла“. Вината не паѓа првостепено на другите две компоненти на каков-таквиот демократски систем (извршната и законодавната власт).

Но, ќе рече некој, тие две се задолжени да прават проверки и балансирања (checks-and-balances) на судската, како и судската врз нив. Задолжени се, ама кај нас веќе немаат законски инструмент за проверки и балансирања, од моментот на креацијата на самореферентната институција Судски совет. Законодавната не си го дала ни себеси, ниту на извршната власт тој инструмент за чесна рецензија на судската власт и со тоа – не може ни да има ни споделување на вина со неа. Дури и кога законодавната и извршната власт би имале законски инструмент за чесна рецензија на судската, сѐ уште нивната вина би била само индиректна. Затоа пропагандната „страст“ за да се обвини особено извршната власт која е неопозициона по дефиниција, влегува во познатата популистичка „голема лага“ (Big lie) со додатен бонус на форсирање на авторитарната идеја дека извршната власт пали и гаси сѐ. Припрема за авторитарност, за „едукативни потреби“ кон населението, за навикнување да мислат во авторитарни термини. Припрема за времиња кога чесната рецензија на извршната и законодавната власт кон судската би се извитоперила во контрола и потоа лесно, во истата узда би се впрегнала и законодавната власт (Собранието).  

Така, полека доаѓаме до ужасно чудниот акт на законодавната (и извршната власт) со ефективните амнестии на низа криминални ликови од ВМРО-ДПМНЕ преку закон за кој не е потребно големо мнозинство. Од една страна, изгледа како експлицитен пример на мантрата „сите се исти“. Овој правец на „мислење“ е распространет, но е со премногу дупки од непознаници, бидејќи за да се тврди како точен, би морале и мотивите да се креираат да одговараат на тој „резултат“. Чесно речено – мотивите за ефектот на амнестирање не ги знаеме експлицитно, туку цело време нагаѓаме сешто. А од каде да се креираат мотивите за нагаѓањата, ако не со црешобер (Cherry-picking) на народни мудрости од вид „Кога парите се во прашање, сите се иста вера“. Со уште малку креативност, магијата се префрла на „Брат за брат, сирење за пари“ и така, во оваа лизгава надолница (Slippery slope), без ангажирање на каква било мисла, комотно си се заклучува „сите се браќа за пари“. Но, зошто, тогаш не се потоа браќа и за „сирењето“ и за „верата“ ако патот на парите им се отворил (прашањето за продолжување кон ЕУ)? Некако препроста е претпоставката што се нагаѓа.

Затоа, кој стигнал до ова, од друга страна, чудниот акт можеби му изгледа како саможртвување (пукање в нога) на угледот на извршната власт (која, да се сетиме е чисто за ЕУ, без кочничари), па и на законодавната (мешани, кочничари и пропоненти за ЕУ) за повисоката цел – ЕУ, но да не заборавиме, саможртва на угледот – ама наспроти судската власт. Оваа, пак, упорно е осветлувана одвреме-навреме со стадионски рефлектори (и холандскиот амбасадор се придружи), и ги гледаме сите подрумски мртви глувци и лилјаци, а неа сѐ уште мува не ја лази?! Што ѝ го овозможува тоа? Пропонентите за ЕУ си пукаат себеси в нога заради неколку криминални членови на политичката партија која кочи кон ЕУ, а од кочничарите допрва се очекува да си поплукаат на сите свои кочничарски дејства?! Зошто би биле обврзани? И ова не штима баш. 

Можеби може да ја искористиме информацијата што нашите  „говорници“ се видливо прегорени од желба вината да е обратна од фактичката – на судската власт. Оттаму и вештачките изблици на црности за другите две власти (при што произведената депресија од боењето црно на извршната и законодавната власт е оној уверувачки инструмент во улога на „објективност“). Од самата ваква пропаганда (видливоста на горливата желба друг да е виновен), може да се заклучи дека натегањето се состои во тоа, судската власт да не смее да се чепка, ни поединечно, ни како систем. Ако се чепка, тогаш да се зајакнува како посебна структура, бидејќи таму е семката, никулецот на целокупниот систем кој е контролирачки за останатите две власти, додека моментално стои без особена возвратна рецензија. А тука навистина имаме прекин на демократијата, односно, да се сетиме на Законот за Судскиот совет: Претседателот на Судскиот совет не одговара ни пред Собранието, ни пред Владата. Така, Претседателот на Судскиот совет останува не само со можност за пренос на контролата на некоја „подобна“ извршна власт, туку и се здобива со способност за „партнерско споделување“ на таквата контрола – не рецензија, не проверки и балансирања – а со тоа контрола и на цело општество. Нашето судство, во тековнава состојба, со самореферентна власт (диктаторска) на Претседателот на Судскиот совет како институција е никулец спремен за авторитаризам, токму за негирање на владеењето на правото. Дали забележуваме дека слабата алка – моментот на отстранување на демократијата, т.е. на тројството на рецензентскиот систем судска-законодавна-извршна власт  е кај формирањето на „подобната“ самореферентна врска меѓу судската и извршната власт? Тоа е можно да е дел од мотивите за брзањето за предвремени избори на едните и небрзањето на другите, што веднаш ја побива тезата дека „сите се исти“.

Но, тогаш, што ги спречува двете власти (законодавна и извршна) да создадат инструмент за проверка на судската власт наместо привилегирана „правда“, па нека изгласаат таков закон, тоа е јасниот одговор што секој со смисла за правичност може да го смисли. Зошто уште производство на таа лепрозна картонска „правда“, непипкање на судска власт која не е правична во основа, туку се претворила во колекција од многу тефтерски птички? Еден прелесен одговор лежи пак во „сите се исти“, ама „едни против други“, во смисла „од иста сорта се“:  Има два тефтери и се во битка за малиот авторитарен трон кој се негува – судството, против нас, граѓаните без функциски привилегии, за „правдата“ да остане картонска. Во прекинот на демократското тројство, навистина, секаква структура може да упадне. Знае ли некој која структура упаднала во таа важна алка? Да, реторичко е прашањето, бидејќи конкретно се знае. Но, точно „горливата желба“ на пропагандата за сместување на вината кај властите кои немаат носители од „МВРО“, ни укажува дека тефтерот би морал да е само еден – оној „МВРО-вскиот“, за кого чувме сите. А тој, знаеме дека има стриктно една страна – верни сервисни птички за ВМРО-ДПМНЕ, со силна контрола врз тие души. Затоа, силниот услов за 2/3 мнозинство ги спречува двете власти (законодавна и извршна) да создадат инструмент за проверка на судската власт наместо привилегирана „правда“:  Во законодавната власт е ВМРО-ДПМНЕ и таа нема да чепка во никулецот на авторитаризмот. Гласањето за поглавјето Правда кое следи во нашето продолжение со ЕУ исто така ѝ го руши тој авторитарен никулец и исто така е условено со 2/3.

Останува опцијата дека двете власти (законодавна и извршна) со „жешката“ измена на КЗ ја укинаа судската сервис-линија, со директно врачување на „добрата“ на кочничарите. Птичките можат да излезат од кафезот, а никулецот на авторитаризмот мора да се врати во семчето и пред третманот од ЕУ. Некаков ресет без натегнати „должнички“ конци, пред почнување на поглавјето Правда. Мала искра на струја од картонска правда! Тоа што амнестираните од ВМРО-ДПМНЕ си киснат по телевизии и што кочничарката на Македонија, самонаречената ВМРО-ДПМНЕ, умислено си игнорира дека криминалците се од нивните редови, дека извршната власт има „страшна“ вина што не обезбедила „правда“ против „некои си“ криминалци, но нивните „политички прогонети“ со ѓон-лице пак може да си се кандидираат за функции… Тоа се познати маалски самохрабрења, што вака јавно, земаат малку патетичен призвук, како последни гласни крици на створ што со нокти се држи на карпата пред да падне во понорот. Потпрени се на климавиот столб на сопствената (заглупавувачка) пропаганда дека има(ат) доволно маса без природен, нормален осет за правичност.

Има ли совет од старешините во Унгарија (Орбан не е исклучен)? Не може, а да не се потсетиме сега на научните истражувачки од Норвешка и Австрија, Киран Роуз Ауербах и Џенифер Картнер со „Како политичките партии ги заробуваат младите демократии? Унгарија и Северна Македонија во споредба“ (How Do Political Parties Capture New Democracies? Hungary and North Macedonia in Comparison) во издаваштво на Sage journals, со специјално поглавје „Како Фидес и ВМРО-ДПМНЕ ги заробија своите држави“ (“How Fidesz and VMRO-DPMNE Captured their States”). Вреди да се погледне за да се приближиме барем малку повеќе до вистината наместо да седиме во поплава од лаги сервирани по телевизиите, колку да се види по кои точки се онемоќени желните за авторитарност.

Нашите телевизии и мноштво медиуми може благовремено и да си се престројат пред двојната немилост што може да ги закачи со излегувањето на вистината како стојат работите. Не чукање по гради и нагаѓање од нигде ништо или од горливи желби да биде вака или така, оти малкумина знаат само малку повеќе од другите. Бидејќи, ако медиумите ги поддржуваат кочничарите и практично, ја закочат работата кон ЕУ – дали добро им се пишува меѓу сите останати, а ако успее работата со ЕУ и покрај нивното соучество во кочењето, пак – дали добро им се пишува наспроти сите останати.

Зачлени се на нашиот е-билтен