Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Кока-Кола потврди кои серии пијалаци ги повлекува од Хрватска

Кока-Кола потврди дека од Хрватска привремено повлекува една серија на Кока-Кола во пластична амбалажа од 500 мл и две ограничени серии Romerquelle Emotion Blueberry Pomegranate од 330 милилитри во стаклена амбалажа.

Санитарната инспекција на Хрватска соопшти дека од пазарот се повлечени сите сомнителни пијалаци, откако неколку лица се затруле од минерална вода.

Заради заштита на здравјето на луѓето, односно постоењето сомнеж дека храната не е безбедна, а согласно Законот за храна, санитарната инспекција привремено и забрани на трговската компанија да ги става во промет и да ги повлече сомнителните производи.

Во тек е инспекциско испитување, а веднаш по добивањето на резултатите од санитарната инспекциска анализа ќе бидат преземени мерки пропишани со закон.

Седум лица во Хрватска досега побарале медицинска помош со симптоми на хемиски повреди на устата, непцето, хранопроводникот и желудникот, по консумирање безалкохолни пијалоци. Труењата се случиле на подрачјето на Риека, Загреб и Вараждин.

Денеска се истражуваат еден случај на млад човек кој во Сплит е хоспитализиран откако пиел газиран пијалак и еден случај во Карловац, јавија хрватските медиуми.

Претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ го коментираше труењето со пијалак.

„Со оглед на уникатноста на европскиот пазар, но такви работи се случуваат, тие заработија, ќе треба време да се вратат на пазарот, ќе платат компензација“, рече Милановиќ.

Хрватските медиуми пренесоа извештаи на западни новински агенции и други медиуми.

АП пишува за случаи на труење со пијалаци газирани во Хрватска.

Тие ја пренесоа изјавата на министерот за јавно здравје Вили Берош, кој рече дека неколку лица побарале помош поради здравствени проблеми „предизвикани од сомнителни хемиски елементи“.

Понатаму пишуваат дека било наредено сомнителните производи да се повлечат од продавници, ресторани и други места, каде што може да се набават. АП пишуваат и дека никаде не е наведено за кои производи станува збор, туку дека на социјалните мрежи се шират фотографии на кои се гледа дека се работи за производи на Кока-Кола. Тие го пренесоа и соопштението на Кока-Кола Хрватска, која соопшти дека привремено повлекува дел од своите производи.

АП наведува дека првиот случај бил пријавен во мај и дека пациентот бил лекуван во болница во Риека поради хемиски повреди на хранопроводникот.

Најмалку четири лица имале здравствени проблеми откако пиеле пијалаци од Кока-Кола во Хрватска во изминатата недела, а министерот за здравство на земјата ги советувал граѓаните да пијат вода, пишува „Политико“ за случаите на труење во Хрватска. Уште тројца во вторникот беа хоспитализирани во главниот град Загреб, изјави д-р. Рајко Остојиќ, раководител на Одделот за гастроентерологија во Загреб КБЦ, пренесува „Политико“.

Куриер, медиум со седиште во Виена, пишува за „паника во Хрватска“. Тој наведува дека шест лица биле хоспитализирани во Загреб со исти поплаки како и човекот во Риека и додава дека Берош долго време „молчел“ за случајот, бидејќи дури утринава се појавил пред новинарите, велејќи дека тогаш се чекаа резултатите од земените примероци.

Австриската телевизија ОРФ јавува дека внатрешната истрага во Австрија, каде што се флашира спорниот газиран пијалак, не открила никакви проблеми при производството и дека примероците биле испратени во независна лабораторија на дополнителна анализа.

Членовите на групацијата Фортенова – Конзум, Велпро, Тисак и Рото Динамик денеска објавија дека одлучиле самостојно и како мерка на претпазливост да ги повлечат сите безалкохолни пијалаци на Кока-Кола од нивните продавници.

Зачлени се на нашиот е-билтен