Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Медиуми: Хрватскиот дипломат во Белград протеран поради „мрежа на агенти“

Министерството за надворешни работи на Србија за персона нон грата го прогласи Хрвоје Шнајдер, прв секретар во Амбасадата на Република Хрватска во Белград, а како што пренесуваат српските медиуми, Шнајдер е протеран поради шпионажа, јави дописникот на МИА од Белград.

Според медиумите, наводно се работи за документирана шпионажа од страна на Шнајдер и регрутирање на лица да работат за хрватската служба.

Како што пишува во образложението на српското МНР, одлуката за протерување на Шнајдер е донесена во согласност со членот 9 од Виенската конвенција, кој ги регулира дипломатско-конзуларните односи.

Од друга страна, Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска изрази жалење поради одлуката на Србија да го прогласи Хрвоје Шнајдер, прв секретар во Хрватската амбасада во Белград за персона нон грата, со оценка дека ова е чекор кон влошување на меѓусебните односи меѓу двете земји, како и дека го задржува правото да одговори на овој потег „во време и на начин кое самата ќе го избере“.

-Целосно ја отфрламе основата за протерување на акредитираниот хрватски дипломат, соопштија од хрватското Министерство во врска со протерувањето на хрватскиот дипломат.

Провладиниот белградски таблоид Ало, наведува дека српската агенција БИА (Агенција за безбедност и информации) „разоткрила хрватски дипломат кој се обидел да создаде агенциска мрежа во Белград“, како и дека „контактирал со луѓе од политиката, бизнисот и медиумите“.

-Српската служба долго време ги следеше неговите активности и кога ги најде сите релевантни докази беа преземени сите мерки за да се запрат неговите непријателски активности, пишува Ало.

Хрватскиот Телеграм пишува дека односите меѓу Хрватска и Србија прилично ескалирале за само неколку часа, како и дека Загреб жестоко реагирал на протерувањето на дипломатот.

-Речиси во исто време, идентични неофицијални информации објави и српското издание на руски Спутник, кој, ја додаде прилично неверојатната теза дека поради овој случај „во западните моќни кругови се инсистирало на смена на Александар Вулин“ од позицијата шеф на српската разузнавачка служба БИА, пишува Телеграм.

Додаваат дека Вулин, „како што е познато, неодамна самиот поднесол оставка од таа функција со прилично луда објава дека ја дал својата главата за Србија за да Америка и ЕУ не и воведат санкции“.

Хрватски Јутарњи лист во текст со наслов „Србија протера хрватски дипломат; Белградските медиуми тврдат: „Се работи за шпионажа!“, посочи дека амбасадорот на Република Хрватска во Србија, Хидајет Бишчевиќ изјавил дека нема коментар за оваа ситуација.

„Јутарњи лист“ го пренесува соопштението од МНР во кое се наведува дека Шнајдер „грубо отстапил од рамката на дипломатските норми“ и ја прекршил Виенската конвенција, и по тој повод била доставена дипломатска нота до хрватскиот амбасадор Хидает Бишчевиќ. 

Зачлени се на нашиот е-билтен