Првиот контингент американски пешадиски борбени возила „Бредли“ М2А2 за хрватските вооружени сили утринава пристигна во Риека, соопшти американската амбасада во Загреб на социјалните мрежи.
Станува збор за 22 од вкупно 89 борбени возила кои во наредниот период треба да ги заменат возилата произведени во поранешна СФРЈ.
„Оваа моќна платформа ќе ги зајакне капацитетите на хрватската армија, одбранбената позиција на НАТО во регионот и ќе понуди подобри можности за хрватската армија за обука и партнерство со вооружените сили на САД“, се вели во соопштението објавено на Икс.
Борбените возила ќе бидат транспортирани во погонот за специјални возила „Ѓуро Ѓаковиќ“ во Славонски Брод, каде што ќе бидат целосно обновени. Обемниот процес на реновирање ќе се состои од погон на возилото, инсталирање нови системи за оружје, бојадисување и проверка, соопшти амбасадата.
Потоа, персоналот на „Ѓуро Ѓаковиќ“ ќе биде обучен и опремен за долгорочно одржување на возилата, а ќе има можност да работи и на возилата Бредли од други партнерски земји.