Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Сопруги, мајки и сестри на војници во Русија: „Вратете ги дома“

Дојче веле – Бон

Сѐ повеќе роднините на мобилизираните Руси кои беа испратени во војната против Украина се организираат во движење. Тие бараат враќање на нивните сопрузи и синови од фронтот, организираат бдеење и флеш-мобови и апелираат до рускиот претседател Владимир Путин. Државните власти се обидуваат да ги запрат нивните акции поради страв од ширење на протестите.

Во исто време, властите признаваат дека мобилизацијата во Русија ќе продолжи се додека не биде откажана од претседателот. Тоа значи дека регрутите можат да се држат на фронтот на неодредено време – и нема одредба за ротација. Протестното расположение дополнително го зајакнува веста дека претседателот помилувал уште еден осуден тежок криминалец, само затоа што учествувал во војната против Украина.

Во исчекување на „директната линија“ на Путин

И оваа година, на 14 декември, на телевизија ќе се одржи „Директна линија“ – голема сесија на која претседателот Владимир Путин одговара на прашања на граѓаните.

Очајните роднини на мобилизираните Руси испраќаат бројни прашања, пренесува каналот на Телеграм „Пут Домој“, кој се занимава со проблемите на мобилизираните и кој има 30.500 корисници.

„Мојот сопруг и брат ми се на фронт, повикани се на почетокот на мобилизацијата и девет месеци не добиле отсуство – мора да останат во борбена зона. Син ми прашува зошто само татко му треба да се бори, меѓу неговите врсници бил регрутиран само татко му“, вели Татјана (името е сменето на нејзино барање). Таа се согласи да зборува за ДВ, но не сакаше да открие никакви лични податоци. „Не се плашам за себе, туку за мојот сопруг и брат ми, тоа може да ги загрози“, истакнува Татјана.

Според неа, претставници на гувернерот на нејзиниот регион им понудиле на нејзиниот сопруг и брат да потпишат договори со руската армија. „Но, тоа не ја менува работата. Сите се уморни, исцрпени, немаат сила ниту мотивација“, вели Татјана, без да ја коментира руската војна против Украина. Сите нејзини барања до властите биле игнорирани.

Во меѓувреме, според пишувањата на медиумите, руските воени лидери се обидуваат да постигнат успех на првите борбени линии, пред појавувањето на Путин пред големата ТВ публика.

Роднините на руските војници кои служат во воената единица број 95411 (Западен воен округ) велат дека некои од мобилизираните, вклучително и оние со полесни и умерени повреди, биле испратени на јуриш во градот Авдиевка во ноември. Околу 100 луѓе потоа му пишаа на Путин барајќи нивните роднини да се повлечат од фронтот.

Бдеења, флеш мобови и заплашувања

Во септември 2023 година, една година по почетокот на мобилизацијата, во многу региони на Руската Федерација, роднините на војниците почнаа да привлекуваат сè поголемо внимание.

Тие го критикуваат фактот дека мобилизацијата важи на неопределено време и повикуваат на ротација. Властите во Краснојарск, Новосибирск, Санкт Петербург и Москва ги забранија женските собири, а во Чељабинск и Нижневартовск ветија дека ќе ги проследат барањата на роднините до федералните власти.

Без да чекаат дозвола, некои жени излегле на бдеење во Москва. Тие ја искористија традиционалната средба на Комунистичката партија на 7 ноември на споменикот на Карл Маркс. На социјалните мрежи брзо се раширија фотографии од жени кои држат транспаренти.

Подоцна, жените во Уљановск организираа флеш-моб и ги излепија своите автомобили со плакати на кои го изразија своето незадоволство и бараа враќање на нивните сопрузи, синови и зетови. Овие фотографии предизвикаа и жестоки дискусии на социјалните мрежи. Но, властите ги спречија жените да преземат дополнителни мерки. Заменик гувернерот им се јави на некои од нив и побара да ги отстранат фотографиите. Уште четири жени биле посетени од полицијата, која укажала дека „дискредитирањето на армијата“ е кривично дело.

Сепак, општото движење за демобилизација не беше запрено. Во ноември, соодветен манифест и петиција се појавија на каналот „Пут Домој“ на Телеграм.

После тоа, блогерите лојални на Кремљ масовно ги нападнаа регионалните канали за разговор „Пут Домој“, тврдејќи дека групите жени и мајки на мобилизирани мажи биле создадени од вработени во Антикорупциската фондација (ФБК) на затворениот опозициски лидер Алексеј Навални за да предизвика протести во Русија Пропагандистот на Кремљ Владимир Соловјов објави листа на „чет“ канали кои наводно ги водат „странски тајни служби“. На крајот Телеграм каналот „Пут Домој“ беше означен како „лажен“, но не беа наведени причините за тој потег.

Во Новосибирск роднините на мобилизираните успеаја да се договорат со властите и да одржат состанок во локалниот културен центар, но без независни новинари. Дозволено е снимање со мобилни телефони. На состанокот дојдоа околу 30 луѓе. Во едно видео е снимено како една од жените му се обраќа на Владимир Соловјов со зборовите: „Ние не сме непријатели на народот, ние сме народот“. Нашите синови и мажи на фронтот се исто така луѓе“.

Какви шанси има антивоеното движење?

Рускиот опозиционер Леонид Госман смета дека протестот е чувствителна работа за Кремљ и може да доведе до политички промени во земјата. Тој не очекува властите да попуштат пред барањата на жените, бидејќи тоа би се протолкувало како „слабост на државната власт“, и ​​ќе го уништи угледот на централната власт“, ​​рече Госман.

За многумина мобилизирани започнува втората зима на фронтот. Ова дополнително ќе го зголеми незадоволството, вели адвокатот и блогер Николај Бобрински. Тој ги гледа акциите на жените како можност да се популаризира антивоеното движење во Русија.

Експертот укажува и на претседателските избори во Русија на пролет (17 март). „Важно е да не се пропуштат изборите, кои дури и со однапред утврден официјален резултат можат да станат време на општествено движење и, згора на тоа, да овозможат митинзи безбедно да се одржат – ако кандидатите воопшто имаат волја да зборуваат за мобилизираните мажи.

Од септември 2022 година постои „Совет на мајки и сопруги“ на регрути, кој бдее во Санкт Петербург, во близина на Военото обвинителство и седиштето на Западниот воен округ. Жените бараа нивните синови, кои служат војска, да бидат изнесени  од руската област Белгород, која беше под гранатен оган. Олга Зуканова, која ја предводи таа организација, беше неколку пати приведена и прогласена за „странски агент“ од Министерството за правда во јули 2023 година. После тоа, организацијата мораше да престане со своите акции.

Олга Каз, администраторката на каналотл „Верњом ребјат“ (Да ги вратиме младите) на Телеграм, кој има 30.000 корисници, во ноември извести за „кревкиот дијалог со властите“. Таа сакаше да ги убеди функционерите и пратениците дека за мобилизираните треба да важи ограничен период на служба. Меѓутоа, на 20 ноември, на тој канал се појави последната објава, од самата Олга Каз: нејзиниот мобилизиран 25-годишен брат, Александар, загинал на фронтот. ссм/

фото: Канал „Пут Домој“

Зачлени се на нашиот е-билтен