Словенечката Влада денеска донесе уредба според кој, за шест месеци се продолжува контролата на границите со Хрватска и Унгарија.
Уредбата стапува на сила на 22 декември, а граничната контрола ќе трае до 22 јуни 2024 година. Како причина за продолжување на контролата, Владата ги наведе влошувањето на безбедноста на Блискиот Исток и заканата од тероризам.
Владата на седница ја донесе Уредбата за продолжување на контролата на внатрешните граници со Хрватска и Унгарија за шест месеци, беше соопштено по седницата.
Министерот за внатрешни работи Боштјан Поклукар веќе во ноември најави дека Словенија ќе го продолжи надзорот на границата за уште шест месеци.
Словенија воведе гранична контрола на 21 октомври, по одлуката на Италија да воведе гранична контрола со Словенија. Слично на Италија, Словенија ги наведе заканите за јавниот ред и внатрешната безбедност во ЕУ, ситуацијата на Блискиот Исток и Украина и спречувањето на тероризмот меѓу причините за одлуката за привремено повторно воведување на граничен надзор.
Нивото на терористички закани во последно време е зголемено во неколку земји-членки на ЕУ, а словенечкото Министерство за внатрешни работи, земајќи ги предвид принципите на Шенген зоната, оцени дека закана за една земја-членка може да претставува закана за цело подрачје. Во меѓувреме, оценката за заканата од тероризам во Словенија останува на трето ниво на скала од пет точки, додаваат тие.