Во интервју за Рацин.мк заменик претседателот во Владата и главен преговарач со ЕУ Бојан Маричиќ вели дека „за среќа, не може да стане збор за прекин на преговорите, тоа задоволство нема да ѝм го пружиме на ДПМНЕ. Маричиќ нагласува дека „поглавјата се отвораат автоматски по уставните измени, без нова политичка одлука и без понатамошни одлагања. Сѐ е веќе предвидливо кога се во прашање нашите интеграции. Точно знаеме што добиваме, а тоа се европска помош за реформите и огромни европски фондови. И точно знаеме дека ништо не губиме. И добро знаеме дека до 2028 година можеме да ги завршиме преговорите со што најдоцна до 2030 година ќе станеме официјална полноправна членка во Европската Унија“.
Со вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, разговараше Зоран Бојаровски
Што значи од практичен аспект блокадата на продолжувањето на преговорите со ЕУ? Дали навистина ќе бидат прекинати сите отпочнати процеси од кои некои од нив се во прилично напредната фаза?
На сите нѝ е добро познато дека единствената наша домашна задача поврзана со отворањето на поглавјата не може да се реализира поради блокадата од ВМРО-ДПМНЕ. Тоа значи сѐ додека не го завршиме дополнувањето на Уставот, овој застој практично ги става во лер, на неопределено време процесите и сѐ она што е сработено. Ги успорува процесите, ги одложува најважните придобивки за граѓаните и ја става земјата во незавидна позиција.
Наместо веднаш да влеземе во процес на отворање на кластерите, усогласување со европските стандарди по различните поглавја, опозицијата нѝ приредува ново одлагање, нова неизвесност.
Наместо да ги отвориме можностите за уште повеќе европски фондови, опозицијата посакува да ѝ се сврти грб на Европа.
Да потсетам, во 2008 година го пропуштивме возот поради политиката на ВМРО-ДПМНЕ која тогаш беше владеачка партија. Нивната одлука да играат на националистичката карта и да освојат уште еден мандат, притоа водени од сопствениот интерес, а не од интересот на нашата земја, се оттргнавме од патот кон Европската Унија, имавме бројни внатрешни кризи, уназадување на демократијата. Дури и Европската комисија не етикетираше како заробена држава во својот Годишен извештај во 2015 година и сето тоа нè втурна во повеќе од една деценија чекање и стагнација.
Ако не ја донесеме одлуката што ќе не придвижи напред, повторно ќе се случи истото, истата партија која иако е во опозиција, мора на дело да ја покаже својата теоретска посветеност за полноправно членство во Европската Унија. Дотолку повеќе, не смееме да го потцениме потенцијалот од евентуална внатрешна криза доколку сега не го продолжиме пристапниот процес.
За среќа, не може да стане збор за прекин на преговорите, тоа задоволство нема да ѝм го пружиме на ДПМНЕ. Преговорите се активни, скринингот е завршен, успешен и верификуван од Европската Унија, единствено што за да ги отвориме поглавјата ни требаат уставните надополнувања.
Наместо да ги отвориме можностите за уште повеќе европски фондови, опозицијата посакува да ѝ се сврти грб на Европа.
Што значи оваа одлука за Северна Македонија после успешниот скрининг?
Одлуката на Европскиот совет е во суштина спроведување на усвоенат Преговарачкаа рамка и уште еднаш јасно ја потврди својата подготвеност да продолжиме со процесот на пристапни преговори веднаш штом ние ќе го завршиме нашиот дел од работата, односно уставните измени.
Скринингот го завршивме успешно. Поглавјата се отвораат автоматски по уставните измени, без нова политичка одлука и без понатамошни одлагања. Сѐ е веќе предвидливо кога се во прашање нашите интеграции. Точно знаеме што добиваме, а тоа се европска помош за реформите и огромни европски фондови. И точно знаеме дека ништо не губиме. И добро знаеме дека до 2028 година можеме да ги завршиме преговорите со што најдоцна до 2030 година ќе станеме официјална полноправна членка во Европската Унија.
Подготвеноста на администрацијата која по 15 месеци темелно работење успешно го завршува скринингот е поттик за продолжување на преговарачкиот процес и подготовка за тоа што треба да следи понатаму и како да се реализира реформската агенда.
Ние знаеме дека можеше да биде поинаку доколку веќе ги усвоевме уставните амандмани. Реализацијата на успешниот скрининг значи дека сме подготвени за понатамошно непречено спроведување на реформите, односно подготовка на патоказите за реформи во јавната администрација, патоказот за владеење на правото и акцискиот план. Ние како Влада инсистираме на спроведување на понатамошните реформски обврски, препознавајќи го моментот во кој Европската Комисија дава непречена и силна поддршка за нас. И Европската Комисија знае за предизвиците со кои се соочуваме и затоа упорно ја споделуваат поддршката кон државата и јавноста.
До почетокот на Самитот претходната недела Северна Македонија требаше да ги испрати Патоказот за реформи во јавната администрација и Патоказот за поглавјата за владеење на правото со придружен Акциски план? Дали се испратени? Каде ќе завршат тие сега?
Патоказите се во финална фаза на консултација со граѓанскиот сектор, академската заедница и бизнис секторот. Имено, Секретаријатот за европски прашања продолжува со процесот на широка консултација со засегнатите страни за изготвување на патоказите за: 1) владеење на правото и 2) реформа на јавната администрација, кои согласно Преговарачката рамка за Северна Македонија усвоена од Советот на ЕУ, на 18 јули 2022 година претставуваат одредници за одржување на Втората меѓувладина конференција и продолжување во втората фаза од пристапните преговори, т.е. отворањето на Кластерот 1 – Темели.
Патоказите ja рефлектираaт визијата и консензуалната политичката заложба на Владата на Република Северна Македонија и на државата за спроведување на суштински реформи во конкретните области и поглавја, со што се обезбедува цврста правна и институционална рамка, соодветни ресурси и ефикасно спроведување на законодавството за јакнење на институциите и системот на управување, како и унапредување на демократското функционирање на општеството, во периодот до 2030 година.
Со цел инклузивност и транспарентност на процесот и обезбедување квалитетна изработка на патоказите, Секретаријатот за европски прашања деновиве организира консултации со Собранието, како и претставниците на академската заедница, граѓанските организации и стопанските комори.
На кој начин и на кое ниво ќе продолжи комуникацијата со Европската Комисија и со ЕУ? Дали ќе има разлика меѓу техничката и политичката комуникација?
Комуникацијата продолжува како и досега, со оглед на фактот дека нашата политичка определба е во согласност со целовкупната динамика на Европската Комисија. Целта да продолжиме напред е заедничка и на Северна Македонија и на ЕУ, и на Владата и СЕП и на Европската Комисија. Оттука, велам да – ќе продолжиме со засилена техничка и политичка комуникација со нашите партнери од ЕУ во интерес на заедничката цел – МК во ЕУ.
Ќе испорачаме повеќе реформи и за сметка на тоа ќе добиеме повеќе европски пари. Но, за тоа да биде успешно и брзо, нѝ требаат преговорите со отворени поглавја во полн погон. Тоа го можеме, тоа го сакаме.
Што ќе се случи со Планот за раст? Дали остануваат обврските преземени со реформската агенда согласно Планот за раст?
Планот за раст почнува со реализација во својата прва фаза. Очекуваме првата транша средства да ја добиеме на пролет. Со Планот за раст може да се забрза реформската агенда. Јавноста веќе е информирана за Планот за раст на Западен Балкан. Можноста да се исползуваат придобивките од ЕУ, уште пред да станеме нејзина членка мораме да ја зграбиме.
Со планот за раст за првпат се обезбедуваат средства за реформите, кои беа потребни. И тоа за целиот регион, сите земји кандидати на Западен Балкан. Но, нашите реформи во голема мера се поврзани со отворањето на поглавјата. За нашите реформи да се сеопфатни и успешни ни треба европскиот процес, а дел од тоа е секако Планот за раст.
Овој процес вклучува преземање на сеопфатни реформи и усогласување на економските системи, како и на законодавството на овие земји со законодавството на ЕУ. Процесот на економска интеграција може да донесе значајни придобивки за двете страни.
Една од обврските кои произлегуваат од овој План за раст е секоја од земјите да подготви и Реформска агенда, која ќе претставува сеопфатен и кохерентен пакет на мерки за постигнување на предвидените цели, за реформите планирани за следните четири години (2024-2027), чија реализација ќе биде основа за добивање на најавените финансиски средства (6 милијарди евра за ЗБ, од кои дел грантови, а дел заеми).
Значи, да сумирам – ќе испорачаме повеќе реформи и за сметка на тоа ќе добиеме повеќе европски пари. Но, за тоа да биде успешно и брзо, нѝ требаат преговорите со отворени поглавја во полн погон. Тоа го можеме, тоа го сакаме.
Жалосно е на толку можности кои сега се нудат, и брзината со која ЕУ стратешки се проширува да се пропушти моментумот. Обврската согласно Преговарачката рамка останува, нашите млади и иднината на оваа држава заслужува да живее по европски терк за доброто на сите нас.
Која е вашата политичка порака за она што ни се случи на последниот Самит на ЕУ? Дали навистина ЕУ нѐ изнавери и колку е тоа единствено вина на ЕУ?
Овој пат не станува збор за изневерување од страна на ЕУ. Јасно е како ден, ВМРО-ДПМНЕ ја изневерува македонската иднина во ЕУ. Работите имаат име и презиме, блокаторот се вика Христијан Мицкоски, кочницата се вика ВМРО-ДПМНЕ.
Повикувам на свест, на совест, на политичка и татковинска одговорност. Да не губиме драгоцено време, да најдеме решение и да поитаме. Жалосно е на толку можности кои сега се нудат, и брзината со која ЕУ стратешки се проширува да се пропушти моментумот. Обврската согласно Преговарачката рамка останува, нашите млади и иднината на оваа држава заслужува да живее по европски терк за доброто на сите нас.