– Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин денеска пристигна во ненајавена посета на носачот на авиони Џералд Форд стациониран во близина на Израел за да се сретне со морнарите на кои им нареди да останат во областа за да се спречи ескалација на војната меѓу Израел и Хамас „ во поголем регионален конфликт.
Остин го посетува регионот за да изврши притисок врз Израел да го ограничи бомбардирањето на Газа и побрзо да одговори на огромните хуманитарни потреби на палестинското цивилно население. Во исто време, САД стравуваат дека Израел ќе започне слична воена операција долж својата северна граница со Либан за да ги истисне тамошните борци на Хезболах, што може да доведе до отворање на втор фронт и ескалација на војната.
Американскиот носач на авиони се наоѓа во регионот на Источниот Медитеран откако Остин нареди да биде распореден таму по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври. Носачот на авиони, заедно со екипажот од 4.000 морнари, требаше да се врати дома на крајот на ноември.
„Понекогаш нашите најголеми достигнувања се лошите работи што сме ги спречиле“, му порача Лојд Остин на екипажот. „Во време на голема тензија во регионот, сите вие бевте основа за спречување на поширок регионален конфликт“, истакна тој.
Џералд Форд е една од двете американски ударни групи на носачи на авиони во областа. Другата, носачот на авиони Двајт Ајзенхауер, неодамна патролираше во близина на Аденскиот Залив, кај теснецот Баб ел Мандеб во јужниот дел на Црвеното Море, каде што во последните недели има бројни напади на трговски бродови.