– Франција ја затвора својата Амбасада во Нигер на неодредено време по ескалацијата на тензиите меѓу двете земји, јавува Би-Би-Си.
Амбасадата соопшти дека „повеќе не може да функционира нормално“ поради бројните ограничувања наметнати од воената хунта.
Односите меѓу Франција и Нигер се влошија откако војската ја презеде власта со соборување на демократски избраниот претседател Мохамед Базум со државен удар во јули.
Амбасадорот и неколку француски вработени ја напуштија земјата во септември, еден месец откако армијата му нареди на амбасадорот да го напушти Нигер и ја блокираше амбасадата во главниот град Нијамеј.
Амбасадата беше нападната од илјадници демонстранти веднаш по пучот, но нигериските сили ги растераа пред да упаднат во зградата.
Соопштението за затворање на амбасадата доаѓа непосредно пред денешното истекување на рокот на воената влада за заминување на француските војници.
Тие беа стационирани во земјата за да помогнат во борбата против џихадистичките групи поврзани со Ал Каеда и Исламската држава.