- Пропагандата реши да се „освежи“: Обид за враќање на имиџот на моќна држава и моќен лидер
- Неоправданиот оптимизам и обновениот бран на скептицизам во земјите на Западот
- Делумниот (не)успех на санкциите против рускиот режим и кризите што му помогнаа на Путин
- Кога поразите мора да се претворат во победа: Лажниот сјај на центарот на Москва
- И светот и Украинците мораат да се присетат на фактите: Тие се добри за Украина
- Политички и општествен канибализам
ЏАБИР ДЕРАЛА
Ви се смачи ли да ја гледате безброј пати репризираната претстава на рускиот пропаганден театар? Сакате да видите што се случува зад завесите? Еве само еден дел од тоа.
Гнев и паника во краткото јунско обраќање: Пригожин ante portas
Пред само шест месеци, путиновото лице беше искривено од гнев и паника поради бунтот на шефот на злосторничката приватна армија „Вагнер“. Со Пригожин ante portas, како што напиша политичкиот аналитичар Љубомир Костовски за ЦИВИЛ МЕДИА, Путин, на 24 јуни, крајно вознемирен, излезе пред ТВ камерите и, во петминутното обраќање, кажа дека руската држава е пред граѓанска војна. Тој практично молеше да се остават на страна кавгите, за да продолжи „специјалната воена операција“. Да потсетиме, тој така ја нарекува бруталната агресија што беше замислена како тридневна „прошетка“ низ Украина, а се претвори во срамна, геноцидна војна што трае речиси две години.
Фатен во пајажината меѓу воените порази, западните санкции, неспособноста на генералите и побуната на својот готвач кој води злосторничка платеничка армија, прогласена за терористичка организација, Путин немаше други избор, туку да се скрие во најтемните одаи на Кремљ.
Обид за враќање на имиџот на моќна држава и моќен лидер
На 14 декември 2023, Путин одржа четиричасовна прес-конференција преку која се обиде да го врати имиџот на моќна држава и моќен лидер, како што тоа го правеше во изминатите дваесет години.
Исклучок во 20-годишната пракса, пред крајот на годината да организира големи прес-конференции, беше 2022 година. Тогаш, и неговата агресивна пропагандна машинерија не можеше да ги прикрие срамните порази на 1.000-километарскиот фронт во Украина. И неговата пропагандна војна доживеа големи порази, освен во дел од земјите на Западен Балкан и неколку други држави, поранешни членки на Варшавскиот пакт.
Путин речиси две години не се појави на прес-конференција, а неговите ретки медиумски настапи беа соло и строго контролирани. Се подразбира, самите прес конференции се, исто така, строго контролирани театарски претстави на кои им претходат детални и исцрпни подготовки. Бездруго, Путин немаше храброст дури ни за таква театарска претстава, речиси две години.
Пропагандата реши да го „освежи“ газдата
Што се случи во меѓувреме? На што се должи целосната промена во изразот на лицето на Путин, по тешката одлука да се откаже прес-конференцијата во 2022-та и гневниот петминутен настап во јуни 2023-та?
Најмалку три работи може да се набројат тука. Едната доаѓа од внатре, а другите две доаѓаат (донекаде) како подарок од Западот.
ПРВО Воено-пропагандните архитекти (стратези) мораа внесат „свежина“ во бескрајната горчина, милитантност, омраза и простотилак што на малите екрани најлесно се препознаваат во ликот на Соловјев, но кој е само највидлив од многуте како него. Им требаше промена на наративот и изгледот.
Обновениот бран на скептицизам во земјите на Западот
ВТОРО Путин навистина има причина да се разведри, по обновениот бран на скептицизам и колебање со помошта од Западот за Украина. Имено, руската злосторничка солдатеска, според зборовите на Дмитри Медведев, засилена со 280.000 нови регрути (топовско месо) за фронтовите во Украина, имаше повеќе од доволно време да ги зацврсти позициите во она што им остана од окупираните територии во земјата.
Украина, соочена со неконзистентната воена помош од Западот, сепак, не ги исполни сопствените (амбициозни) очекувања од офанзивата за ослободување која почна со задоцнување, кон крајот на летото (2023 година). Путиновата воена машинерија беше веќе длабоко вкопана во одбранбени позиции на територија што во најголем дел ја окупира уште од 2014 година.
Неоправдан оптимизам и преголеми очекувања
Важно е да се разбере дека и Украина и Западот беа неоправдано оптимистични и имаа преголеми очекувања од офанзивата. Притоа, не така малите успеси на фронтот од почетокот на офанзивата, едноставно, самите Украинци, од скромност, ги занемарија и ги отпишаа.
Всушност, Украинците имаа голем успех, бидејќи ним им успеа да ослободат речиси половина од претходно окупираната територија на нивната земја (види мапа). Оваа скромност, па и наивност, доведе до обновена скепса во јавноста во голем дел од западните земји, помогната со руската пропаганда и ултрадесничарските групи и политички партии кои бездруго се евроскептични и проруски, а дел од нив се и спонзорирани од Кремљ.
Делумниот (не)успех на санкциите против рускиот режим
ТРЕТО Третата причина за обновениот елан на Путин на крајот на годината, за кој неговата пропагандна машинерија се потруди да го прикаже како успешен лидер на кого му претстои победа на сите полиња, е и делумниот успех, односно делумниот неуспех на санкциите што ги наметна Западот против Русија.
Во комбинација со обновените, а некаде и продлабочените пријателства и партнерства што ги воспостави Кремљ со центри на моќта во Азија, Јужна Америка и Африка, а делумно и со проблематичните земји членки на ЕУ, руската економија (некако) им одолеа на санкциите и не се распадна. Но ова, сепак, е подложно на дискусија, особено ако се земе предвид неодржливоста на руските економски мерки (подолу во текстот).
Кризите што ги спонзорира Путин
НАГОРНО-КАРАБАХ Се разбира, во оваа анализа треба барем да се набројат и неколку други кризи и форми на хибридно војување во кои е евидентно руското учество, односно спонзорство.
Меѓу нив е и обновената криза во Нагорно-Карабах во септември, 2023. Таму, по 44-дневната војна меѓу Азербејџан и Ерменија во 2020 година, Путин испрати 2.000 „мировници“. Путин реши да ги препушти Ерменците на милост и немилост на Азербејџан, кој ужива воена и политичка поддршка од Ердогановата Турција.
Тоа беше уште еден релативно добар потег со кој Путин успеа да купи малку време, но и да ги прераспореди фигурите на шаховската табла на геостратешките операции надвор од неговото најважно боиште – Украина.
КОСОВО Терористичкиот напад во Бањска во северниот дел од Република Косово, иако заврши неславно по напаѓачите предводени од екстремистот Милан Радоичиќ, беше дел од крвавите геостратешки игри на Путин за дестабилизација на земјите на Западен Балкан. Еднодневната „мала војна“ во Бањска предизвика бран од дезинформации и поларизирачки наративи низ целиот регион.
Терористичкиот „Вагнер“ има свои канцеларии во Белград, а многу анализи упатуваат на тоа дека операцијата има многу карактеристики кои потсетуваат на модус операнди на платеничките групи, како што за ЦИВИЛ МЕДИА навести експертот за безбедност, Фердинанд Никола.
ИЗРАЕЛ-ГАЗА Најмногу од сите, на Путин му помогна терористичкиот напад на Хамас чии жртви беа 1.200 мртви и 240 киднапирани во Израел, по што почна жестоката воена интервенција на Израел во Појасот Газа. По два и пол месеци жестоко и неселективно бомбардирање на најголемиот затвор под отворено небо, загинаа 20.000 луѓе (две третини од нив се жени и деца!) или 1% од вкупното палестинско население во областа.
Освен што оваа нова трагична војна му помогна на Путин да го одвлече или барем да го дисперзира вниманието на светската политика и јавност, внесе уште подлабока поларизација насекаде во светот, а помошта наменета за Украина се фрагментира.
Сите овие кризи се поттикнати, ако не и директно спонзорирани од Кремљ и му помагаат на Путин, на различни начини.
Кога поразите мора да се претворат во победа
И така, доаѓаме до 14 декември, кога путиновската пропагандна машинерија даде сѐ од себе, на крајот на годината – да ги претвори поразите во победа.
Не е едноставна задачата на Путин. Со помош на моќната и скапа пропагандна машинерија, тој мора да ги прикрие тешките последици од сопственото владеење и квавата воената агресија против соседна Украина.
Мора да биде ведар и насмеан, да изгледа како победник. Од тоа колку ќе успее во својата голема лага зависи неговиот живот и животот на монструозниот режим кој го создаде и го води.
Лажниот сјај на Москва
Паралелно со тоа, спин мајсторите и менаџерите на пропагандата, се погрижијада го осветлат центарот на главниот руски град, а во неколкуте културни институции, во прв ред, театарот Бољшој, да внесат програма која ќе го поттикне патриотскиот дух на публиката. Организираа и техно забава со диџеи од Шпанија и источноевропските ЕУ земји, а телевизиите, кои се под железната канџа на Кремљ, емитуваа анкети од „среќни и задоволни“ минувачи кои „сосема случајно“ се наоѓаат пред камерите.
Накратко, централното подрачје на главниот град е опфатен со добро изрежиран бран на празнично расположение, без ниту еден знак дека се води крвава војна на помалку од 1.000 километри јужно од Москва.
Очигледно е дека државата одвоила големи суми на пари за да се обезбеди впечаток на сјај и благосостојба. Доброто расположение е видливо, барем за очите на аутсајдерите, уште повеќе во дворците и цитаделите на Кремљ.
Бескрајно повторување на големите лаги на Путин
„Сигурен сум дека победата ќе биде наша“, изјави Путин на прес-конференцијата на 14 декември, прва по инвазијата во февруари 2022 година.
За време на прес-конференцијата Путин беше самоуверен и своите одговори ги искористи и за пропагандни тиради во кои ги повикуваше руските граѓани на мобилизација. Тој се потруди да покаже дека е ведар и добро расположен, правеше вицеви и се шегуваше со присутните новинари и „случајни“ граѓани. Тој самоуверено тврдеше дека руската економија бележи раст и дека се опоравила од западните санкции.
„Ќе има мир кога ќе ги постигнеме нашите цели. Да се вратиме на овие цели: тие не се променети. Ќе ве потсетам за што разговаравме тогаш: денацификацијата на Украина, нејзината демилитаризација, нејзиниот неутрален статус“ – рече Путин, повторувајќи ги лажните пропагандни наративи кои, со мали модофикации, ги пласира од 2014 година и со кои ја правда својата геноцидна војна против украинската нација.
Особено му беше важно да звучи убедливо кога тврдеше дека „нашите вооружени сили ја подобруваат својата позиција речиси по целата линија на фронтот“.
„Речиси по должината на целата линија на фронтот, нашите вооружени сили, да речеме скромно, ја подобруваат својата позиција. Речиси сите се во активна фаза на акција. Ситуацијата на нашите војници се подобрува во текот на целиот период“ – рече рускиот деспот, без да трепне.
Тој ги изнесе сите лажни наративи и дезинформации без ниту едно спротивставување од бројната публика во големото студио. И економијата ја прикажа во далеку подобра светлина од тоа што навистина е.
„Најважниот показател е економскиот раст. Растот на БДП до крајот на годината се очекува на 3,5% – ова е добар показател, значи се опоравивме од минатогодишниот пад… и направивме релативно сериозен чекор напред“, рече тој.
Сепак, не можеше да прикрие еден многу очигледен факт, а тоа е инфлацијата.
„За жал, инфлацијата се зголеми. До крајот на годината се очекува да биде 7,5%, можеби малку повеќе на 8%“, призна Путин, но додаде дека „централната банка и владата ги преземаат неопходните мерки“.
Скапи јајца
Путин одговараше и на бројни, по сите основи, наместени прашања од локалните новинари, па дури и од „случајни“ граѓани.
На „омилениот претседател“ му се обрати и една „случајна“ граѓанка од селото Акишево во западниот дел на Русија со „критичко прашање“. Таа на прес-конференцијата му го постави прашањето за високата цена на јајцата. „Омилениот претседател“ кажа дека се работи за „пропуст во работата на владата“ и дека ќе се погрижи да ја исправи таа грешка.
Вети и дека ќе бидат поправени покривите на училиштата во нелегално анектираниот Крим.
Овој скапо и грижливо подготвен театар, сепак, е само уште една евтина претстава на која само наивните можат да ѝ поверуваат.
Сепак, Путин може да биде задоволен со тоа што не го изгуби, а можеше
Од друга страна, Путин има и со што да е задоволен. Навистина, неговите амбиции и планови беа распарчени во илјада парчиња, веќе на самиот почеток од неговата целосна геноцидна инвазија против Украина, но може да биде, барем донекаде, задоволен со тоа што не го изгуби, а можеше. Зошто?
Помошта од Западот за Украина е во загрижувачки застој. Застојот се правда на тој начин што одговорноста се префрла врз Кијив, во прв ред, поради недоволно успешната офанзива за ослободување на окупираните територии.
Точно е дека фронталните линии веќе подолго време речиси не се помрднуваат, што за скептиците беше доволно да го кренат гласот против помошта за Украина, а таму каде што имаат моќ (во Брисел и Вашингтон), таа помош и да ја блокираат, под изговор дека украинската офанзива е „неуспешна“. На разочарувањето му се придружија дури и дел од Украинците, па така, дел од високите воени претставници на украинската одбрана, во анонимни изјави за странскиот печат, изразија скепса во сопствените капацитети и можности за победа. Тоа делуваше девастирачки врз моралот на нацијата.
Градоначалникот на Кијив, поранешен боксерски шампион, Виталиј Кличко, кој претходно доби критики од претседателот Зеленски дека не се грижи доволно добро за скривниците и безбедноста во главниот град, отиде и подалеку. Кличко јавно го критикува веќе легендарниот претседател Зеленски дека ја претвора земјата во „авторитарна држава“. Останува отворено прашањето како Кличко замислува „авторитарна држава“ каде што тој може слободно, среде Кијив, да изнесе тешки обвиненија на сметка на лидерот на државата во војна.
И како тоа да не беше доволно, разни европски и американски политичари и експерти го вперија прстот во начините на трошење на државните средства и побараа реформи и борба против корупцијата. Во земја зафатена од брутална и разурнувачка војна што ѝ ја наметнува една светска супер сила во коалиција со големи и воено моќни држави како што се Белорусија, Иран, Северна Кореја и други, некои се најдоа повикани да зборуваат за корупција, пред сè врз основа на перцепции и поединечни изјави (!?). Тие наративи се супер добредојдени за Путин и одат во прилог на неговите воено-пропагандните операции.
Путин е спремен да ги употреби своите веќе испробани и успешни пропагандни и хибридни напади против Западот во пресрет на изборна година во ЕУ и во САД. Тоа е фантастична можност за Путин, да ја одврати плимата од поддршка за Украина. Но тоа е дел од посебна анализа.
И светот и Украинците мораат да се присетат на фактите: Тие се добри за Украина
Критичарите и скептиците како да забораваат на бројките.
Од 2014 година, со првата инвазија, Русија окупираше 42.000 квадратни километри од украинската територија (Крим и делови од Донецк и Луганск). По целосната инвазија на 24 февруари 2022 година, Русија окупираше дополнителни 119.000 квадратни километри од територијата на суверена Украина. Тоа се вкупно 161.000 квадратни километри или речиси една третина, односно 27% од територијата на Украина. Според Институтот за проучување на војната, украинските сили ослободиле 74.443 квадратни километри, сведувајќи ја територијата под руска окупација од 27% на 18%.
Само оваа едноставна „математика“ би требало да биде доволна за да се распрснат пропагандните наративи како меур од сапуница. Но тоа не им пречи на руските мајстори на спинот и пропагандата да изрежираат театарска претстава во која Путин ќе одржи прес конференција со триумфална нота во гласот.
Нова руска офанзива – пропагандна!
Може да се каже дека оваа прес-конференција означува една нова руска офанзива – пропагандна. Се забележува дека креаторите на пропагандата решиле да го променат наративот и да му дадат поинаков тон на јавниот настап на рускиот диктатор кој светот го помни по затегнати, сувопарни и студени настапи. Генерална проба за овој нов начин на креирање на путиновите јавни настапи можеше да се насети и претходно, за време на неговиот настап на годишната конференција на Валдаи клубот во Сочи во октомври 2023. И тогаш, во строго контролиран амбиент, тој на јавноста ѝ се претстави со новиот имиџ.
Овој нов имиџ на Путин и неговата клика е во силен контраст со срамните порази на бојното поле во Украина. Со целосно ретуширање, кај Путин сега не се гледа ни трага од гневот и паниката кои беа очигледни во неговите исклучително ретки јавни настапи, како оној кога реагираше на бунтот на платениците на Пригожин. Кого, два месеци по бунтот, го снема од лицето на земјата – загина „случајно“ во авионска несреќа, последна во низата од преку 20 нерасчистени убиства и „несреќни случаи“ кои ги погодија критичарите и противниците на Путин.
Театарска претстава наспроти реалноста: „Русија не окупираше ниту едно украинско село во текот на оваа година“ (Зеленски)
Не е само театарот Бољшој каде што се прикажуваа претстави за руските патриоти. Прес конференцијата на Путин беше главната театарска претстава.
На Путин, а уште повеќе на неговата земја со која владее веќе 24 години, не им цветаат розите, наспроти сите мајсторски режирани пропагандни претстави. Крвавата сенка на садистичкиот режим во Кремљ е надвисната над лажниот сјај на триумфализмот. Рускиот тиранин нема причини за триумфализам. Без оглед на делумната предност што ја постигна среде геостратешките игри што ги игра.
Руските жртви во Украина се проценуваат на повеќе од 300.000 мртви и ранети. Според Фајненшл Тајмс, бројот на загинати руски војници е повеќе од 120.000, додека ранети се 280.000, што ја качува бројката со која најчесто оперираат светските медиуми на 400.000.
Како и да е, бројот на загинати и ранети руски војници се зголемува буквално секој час, секој ден. На воен план, од агресија, руските сили се сега само длабоко вкопани во тоа што им остана од окупираните територии и спроведуваат одбранбени операции.
„Русија не окупираше ниту едно село, ниту едно украинско село во текот на оваа година“, изјави украинскиот претседател Зеленски во интервју за ТВ Фокс Њуз.
Економската состојба меѓу пропагандата и реалноста
Санкциите против Русија не го дадоа саканиот ефект, особено затоа што официјална Москва, со помош на своите скриени и нескриени сојузници, успеа да најде безброј дупки во мерките што ги воведе Западот против него.
Од друга страна, руската економија никогаш не била силна страна на таа држава. Уште повеќе, во услови на (делумно успешни) економски санкции и огромни воени трошоци, руската економија ќе продолжи да тоне. Лажен е наративот дека руската економија се враќа. Точно е дека се опорави од брановите од економски и финансиски шокови што ги претрпе во 2022, но далеку од тоа да е одржлива, а уште помалку – успешна економија.
Како во војната, така и во економијата, Путин само купува време. Еден од многуте примери е обидот да се „поткупи“ населението со милијарди долари евтини станбени кредити, со кои дури и просечно руско семејство може да си дозволи да обезбеди нов стан. На населението, уморно од војна, без оглед на пропагандните „седативи“, му требаше некоја мерка со која ќе добие чувство на извесност, сигурност во живеењето. Со обезбедување дом, преку евтини кредити, тоа и го добија голем број луѓе кои поитаа на шалтерите во банките, да ја искористат шансата. Се работи за неколку милијарди долари вредна операција за санирање на социјалните состојби само во овој сектор. Но овој чекор набрзо ќе предизвика големи главоболки, најмногу за корисниците на кредитите, но и за банките и инвеститорите.
Лажниот економски оптимизам на Путин
Лажниот оптимизам на Путин и репертоарот на театарот Бољшој не можат да ја прикријат инфлацијата од 7,5% и секојдневното зголемување на цените на производите и услугите. Националната банка не може до недоглед да ги санира состојбите и да го одржува курсот на рубљата. Државниот буџет е крајно несигурен и се потпира на цените на нафтата. А цените на нафтата драстично паднаа. Дотолку повеќе што Путин е принуден да ги продава енергенсите на своите старо-нови пријатели во Азија по далеку пониски, често и крајно нерентабилни цени. Со тоа купува малку време, но набрзо пукнатините што сега се гледаат, ќе се претворат во бездна.
„Руската економија би била повеќе од 5 отсто поголема, доколку Путин не ја почнеше војната во Украина“, објави угледниот лондонски весник Фајненшл Тајмс, врз основа на анализите на американското министерство за финансии.
Според анализата, Москва троши повеќе од 100 милијарди долари за одбрана, што е речиси една третина од вкупните планирани расходи во 2023 година. Огромните расходи доаѓаат во исто време кога Кремљ беше принуден да ги сопре планираните зголемувања на платите во јавниот сектор, а инфлацијата од 7,5% е далеку над проекциите од 4% на руската централна банка.
Сè помалку време за купување време
Со други зборови, Путин има сè помалку време за купување време и сè помалку пари за купување на социјалниот мир. Повторно, војната и диктатурата се покажуваат како неуспешен и неславен, а секако и прескап начин да се одржува еден ваков режим како Путиновиот.
Русија има кусок од работна сила, особено квалификувана, откако 1,2 милиони млади и квалификувани Руси побегнаа од земјата, според проценките на британското министерство за одбрана. Руски извори наведуваат дека тој број изнесува меѓу 600 илјади и еден милион само во 2022 година. Оваа бројка вклучува и околу 100.000 информатичари.
Неколку десетици илјади Руси се вратија во земјата во 2023-та, но причините за тоа ни оддалеку не се патриотски. Тоа е посебна и тревожна сторија која дополнително говори за тешката состојба во која се наоѓа руската нација.
Мрачни сведоштва од фронтот и жестока репресија
На фронтот, пак, наспроти лажниот сјај на московската пропаганда, безбројни се сведоштвата на војниците, опишани во Телеграм, дури и од пропутиновските воени блогери. Болниците се преполни со ранети руски војници кои им подлегнуваат на раните поради недостаток од лекови и медицински персонал. Руските блогери веќе отворено обвинуваат дека ниту рускиот армиски врв, ниту Путин, не покажуваат загриженост за страотните воени загуби на фронтовите во Украина.
„Тие ќе испратат топовско месо колку што им треба“, рече Михаил Наке, руски новинар кој пребегнал во Латвија, во својата радио емисија кон средината на декември.
Насмевките и спокојството на лицето на Путин и неговите пропагандисти сè потешко можат да го прикријат фактот дека руската ФСБ (Федеральная служба безопасности – продолжение на злогласното КГБ) однесе в затвор најмалку 20.000 луѓе. Во Русија, може да се добие строга затворска казна и за изречен погрешен збор в кафеана, а да не говориме за учество во антивоени протести.
Политички и општествен канибализам
Сепак, наспроти репресијата од бруталниот државен апарат со кој неприкосновено управува Путин веќе 24 години, голема е одговорноста и на општествените чинители во Русија, почнувајќи од интелектуалците и медиумите, завршувајќи со нејзините граѓанки и граѓани.
Освен стравот и замаеноста од неуморната пропаганда, повеќе од очигледно е дека руското општество, особено интелектуалците и новинарите, едноставно, уживаат во конформизмот на пасивноста, опортунизмот што го нудат државните популистички мерки, како и целосната морална ерозија и отсуство на човечност и солидарност.
Нивната држава води геноцидна војна против соседна држава со која имаат безброј културни, па и семејни врски. Но тие одбираат да ги затворат очите и – со својот молк – да бидат соучесници во грозоморната војна во која државата украде 20.000 украински деца, срамнува цели градови и села со земјата, убива цивили, меѓу кои жени и деца, а грабежот и сексуалното насилство се вообичаени и секојдневни методи на нивните војници.
Но руските граѓани, нивните интелектуалци и медиуми одбираат да ги слушаат лагите на Путин и да молчат, со затворени очи, и на тој начин, да учествуваат во масовниот политички и општествен канибализам. (ЦивилМедиа)