– Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел од денеска до недела ќе престојува во посета на Либан, каде со неговите домаќини ќе разговара за актуелните случувања во регионот на Блискиот Исток, јави дописникот на МИА од Брисел.
Како што соопшти Европската комисија, предвидено е Борел за време на престојот во Либан да се сретне со претседателот на Парламентот, Набих Бери, со премиерот Наџиб Микати, министерот за надворешни работи и дијаспора Абдалах Бу Хабиб и командантот на либанските Вооружени сили, генерал Жозеф Аун.
Предвидено е високиот претставник на ЕУ да има средба и со шефот на Мисијата на Обединетите нации и командант на Силите на ОН во Либан (УНИФИЛ), генерал Аролдо Лазаро.
Според најавите од ЕУ, Борел на средбите ќе разговара за „сите аспекти на ситуацијата во и околу Газа“, вклучувајќи го и нејзиното влијание врз регионот, особено на израелско-либанската граница. Тој, исто така, ќе ја потенцира важноста за избегнување регионална ескалација на конфликтот во Газа и за овозможување на проток на хуманитарна помош за цивилите, која Европската Унија ја зголеми четирикратно на 100 милиони евра.
– Високиот претставник повторно ќе ја нагласи и потребата за унапредување на дипломатските напори со регионалните лидери со цел да се создадат услови за постигнување праведен и траен мир меѓу Израел и Палестина и во регионот, се додава во соопштението.
На средбите со либанските претставници Борел ќе разговара и за билатералната соработка меѓу ЕУ и Либан, за внатрешните случувања во земјата, како и за регионални прашања од заеднички интерес.