Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Кој ќе ја пишува молбата до Софија?

Собранието, Министерскиот совет и Претседателската палата во Софија, Бугарија, Фото: Википедиа
Собранието, Министерскиот совет и Претседателската палата во Софија, Бугарија, Фото: Википедиа

Што ќе пишува тогаш во писмото-молба? Дека Македонија не сака да ги почитува обврските кои сама ги презела, туку тргнувајќи од препораките на неговите советници можниот иден премиер Мицкоски ќе бара Бугарија да се откаже од словото на преговарачката рамка. И нејзиниот глас да биде посилен од сите други 26 земји членки. Сето ова е малку наивно, дури и повеќе, но може да изгледа убаво за ушите на гласачите. А после? После ќе му се мисли.

Љупчо ПОПОВСКИ*

Кога лани летото професорот по уставно право Јоргос Герапетритис стана министер за надворешни работи во новата грчка влада на премиерот Киријакос Мицотакис многумина за миг помислија дека тој ќе работи да го поткопува Преспанскиот договор. Особено поради тоа што тој беше еден од најжестоките противници на овој договор во Нова демократија, затоа што бил многу неповолен за Грција. Знаеме дека Нова демократија не само што беше против Преспанскиот договор, туку и гласаше против него во грчкиот парламент.

Но тој како професор по уставно право (и тоа еден од најпочитуваните) знаеше дека она што е ратификувано мора да се почитува. Во интервју за грчката телевизија Мега во јануари 2021 година, тогаш како државен министер, Герапетритис беше прецизен:

„Во однос на договорот со Северна Македонија, Нова демократија навремено излезе со став дека овој договор има многу ‘сиви точки’, дека е договор што нема директни корисни придонеси за земјата. Од друга страна, ние мора да го прифатиме континуитетот на државата. Грција не е земја која може во кој било момент да го менува нејзиниот меѓународен став. Самиот устав наметнува дека од моментот кога постои ратификуван меѓународен договор, треба да се почитува и не може да се смени. Па така, ќе го почитуваме договорот, бидејќи Грција е држава на владеењето на правото и држава со континуитет“.

Факт е дека контактите на Герапетритис и неговиот македонски колега Бујар Османи не се такви како со неговиот претходник Никос Дендијас, факт е дека грчкиот парламент уште ги нема донесено трите резолуции за прецизирање на договорот од Преспа, но факт е и дека двте земји од свеченоста во Нивице имаат многу подобри односи. И на политичко и на економско поле. И дека онаа тензија што владееше со децении меѓу одредени делови на двата народа ја нема. Ниту едната ниту другата страна не се нешто посебно задоволни од договорот (иако Нова демократија не употребува разорен политички речник против Сириза), но се научија да живаат со неговите несовршености.

Дали Македонија е „држава на владеењето на правото и држава со континуитет“ и може да ги спроведува обврските што меѓународно ги презела? Во секоја земја некоја влада склучува некакви договори. Каква меѓународна какофонија би настанала ако следната влада од друга политичка структура објави дека тој и тој договор не ѝ се допаѓа, дека ќе го репреговара или ќе го напушти.

Ако ги слушаме некои од македонските политички актери договорот со Бугарија само што не е поништен, преговарачката рамка на ЕУ само што не е сменета, Македонија само што не излегла од пепелта во која била втурната од сегашната владејачка гарнитура. И дека за државата доаѓаат некакви посјајни денови на меѓународната сцена кога ќе се наметне како важен играч.

Кого би го примила Марија Габриел

Во првите денови од таа можна сјајна иднина ВМРО-ДПМНЕ, ако успее да ја формира идната влада, ќе напише едно писмо-молба до Софија за да разговара како да се промени преговарачката рамка. Оваа недела тоа и формално го најави лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, во интервјуто за ТВ 24. Кој ќе го пишува тоа писмо-молба не знаеме. Дали идниот шеф на дипломатијата, дали идниот премиер, како што не знаеме дали Мицкоски воопшто ќе биде претседател на владата. И дали неговата партија ќе може воопшто да раководи со новиот кабинет.

Мицкоски рече: „ВМРО-ДПМНЕ е подготвена по формирањето на новата влада да седне со властите во Софија и да разговара да видиме – доколку има желба од таа страна – како ќе излеземе од оваа мртва состојба во којашто оваа влада и авантурите на (Бујар) Османи, на (Димитар) Ковачевски и (Стево) Пендаровски ја доведоа Македонија во евроинтегративниот процес“.

Што доколку нема желба во Софија за излегување од „оваа мртва состојба“? Што доколку Софија го препрати ова писмо-молба до Брисел, каде што Европската унија, а не Бугарија ја донесе преговарачката рамка. Христијан Мицкоски на тоа нема одговор. Изгледа нему конечно му стана јасно дека она што го зборуваат функционерите на ЕУ, американските партнери и дипломатите на европските земји – дека промената на преговарачката рамка е речиси невоможна работа, па сега од Софија ќе се бара таа да го повлече „бугарскиот диктат“.

Никој не вели дека таква работа не може да се проба. Но доколку тоа биде грубо отфрлено од Софија тоа ќе биде многу лошо понижување за Македонија, можниот иден премиер ќе сака тоа да го претвори во националистички наратив, односите меѓу двете земји да бидат спуштени на драматично пониски нивоа отколку што се сега и европската капа може да ја закачиме на закачалката. Без оглед што Европската унија останува стратешка цел за ВМРО-ДПМНЕ.

Во тоа идно претпоставено време едно е сигурно – дека министерката за надворешни работи и вицепремиерка, Марија Габриел, согласно договорот за ротација, ќе биде на чело на бугарската влада. Таа е членка на ГЕРБ, сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ. Можеби тие уште сега ги подготвуваат премисите за ова писмо, а никој да не знае. Тоа е онаа позната вмровска тајна. Можеби тие сега бараат нови толкувања на зборовите на Габриел од пред еден месец за време на седницата на комисијата за надворешени работи на бугарското собрание.

Тогаш таа рече:

„Бугарија нема билатерален проблем со Република Северна Македонија. Условите кон нашата соседна земја не се само уставни измени, туку и почитување на Договорот за пријателство и добрососедство и двата протоколи… Ние сме земја-членка и кога сакаш да бидеш членка на Европската унија мора да ги исполниш обврските што самиот си ги презел“.

Што ќе пишува тогаш во писмото-молба? Дека Македонија не сака да ги почитува обврските кои сама ги презела, туку тргнувајќи од препораките на неговите советници можниот иден премиер Мицкоски ќе бара Бугарија да се откаже од словото на преговарачката рамка. И нејзиниот глас да биде посилен од сите други 26 земји членки.

Сето ова е малку наивно, дури и повеќе, но може да изгледа убаво за ушите на гласачите. А после? После ќе му се мисли.

Во овој мозаик како комплицирано камче се појавува можноста Меглена Кунева да стане иден комесар за човекови права на Советот на Европа. Бугарија веќе исклучително силно лобира за оваа функција. Многу често таа имала свои луѓе на високи меѓународни функции. Сега Кристалина Георгиева е прв човек на ММФ, порано Ирина Бокова беше на чело на Унеско. Кунева е многу почитувана личност во европските кругови. Во владата на Симеон Сакскобурготски беше министерка за европски прашања. Кога Бугарија стана членка на ЕУ стана еврокомесарка за заштита на потрошувачите. Сега е шеф на делегацијата на ЕУ во Советот на Европа и е надлежна да ја осигура комуникацијата меѓу двете организации. Ако биде избрана на важната функција во Советот на Европа ќе треба нејзе да ѝ се пишуваат писма за почитување на правата на македонското малцинство во Бугарија, но властите во Скопје ќе треба да одговараат и на прашањата за почитување на правата на Бугарите во Македонија. Се разбира, неразумно е да се тврди дека Меглена Кунева ќе биде пристрасна, но ако таа сега е дел од структурите на ЕУ, многу добро знае што значи почитување на обврските од преговарачката рамка. Без оглед дали нам ни се допаѓаат или не.

Како функционира американски притисок?

Има и една друга работа во меѓународните односи. Америка се однесува на еден начин кон оние што се власт во една земја, а сосема поинаку, или никако, кон оние што се опозиција. Можеби Џемс О’Брајан не би ја кажал онаа реченица за купувањето автомобил доколку Мицкоски беше дел од власта. Или како што рече Мицкоски во истото интервју: „О’Брајан како искусен дипломат си дозволи да суди личност којашто не ја познава, бидејќи интервјуто беше дадено пред да ме запознае. Ценам дека таков искусен дипломат не би си дозволил таков тип на изјава. Тоа што имав да го кажам јас му го кажав“.

Што му кажал не знаеме затоа што не можеме да се потпреме на неговите подоцнежни заобиколни толкувања. А тоа што му го кажал О’Брајан одамна го пренесе во Стејт департментот.

За да видите како функционира американскиот притисок врз една власт која не го разбира поширокиот контекст, или пак се прави дека не го разбира, еве само еден пример од последниве денови.

Центарот за пробивање на санкции што го основаа руските компании во Турција, снабдувајќи ја руската економијата со електроника, чипови и други стоки од списокот на санкции, одеднаш почна да не функционира. На крајот на 2023 година, испораките од Турција за Русија на полупроводници, електронска и оптичка опрема, како и печатени кола и комуникациска опрема паднаа за 40 отсто, објави „Форбс“.

Проблемите со турскиот „антисанкциски центар“ започнаа набргу откако делегација на американски официјални претставници предводена од Брајан Нелсон, заменик-секретар за финансии и куратор на американското финансиско разузнавање, ја посети Анкара.

Според извори на Блумберг запознаени со деталите за посетата, Нелсон донел „конечно предупредување“ до големата и моќна Турција, барајќи усогласување со санкциите против Русија. Во спротивно, на турските компании им се закануваат санкции, вклучително и лишување од пристап до западниот финансиски систем. На крајот на декември, американското Министерство за финансии најави построг пристап кон прекршителите на рестриктивните мерки. Канцеларијата за контрола на странски средства се закани дека ќе воведе секундарни санкции против банките кои „ги поддржуваат воените напори на Русија“.

Резултатот беше речиси целосна парализа на финансиските текови за турските испораки за Русија. На почетокот на јануари, речиси сите големи банки во Турција го прекинаа прифаќањето на плаќањата од Русија, вклучително и оние направени во национални валути – рубљи и лири.

Кој не ги разбира овие работи живее во сопствена заблуда или е голем политички аматер. Претпоставуваме дека Џемс О’Брајан, кој учествуваше и во изготвувањето на Дејтонскиот договор, што значи – преговараше со господарите на војната во поранешна Југославија, веројатно добро оценува дали од некого може да купи стар автомобил (симболиката на македонски е онаа изрека „не се садат со секого краставици“). Наивноста и аматеризмот понекогаш скапо се плаќа, без оглед што може да се има главна ролја во опера буфа.

*Љупчо Поповски е главен и одговорен уредник на Независен.мк

Преземено од Независен.мк, првично објавено на Дојче веле овде

Зачлени се на нашиот е-билтен