Судиите и обвинителите во Хрватска од денеска стапија во бел штрајк, кој ќе трае до 2 февруари. За време на штрајкот ќе се работи само на предметите кои би можеле да застарат.
Здружението на хрватските судии соопшти дека од денеска почнува нов циклус на предупредувачки мерки, но и оти не ја отфрлаат можноста за продолжување на разговорите со Владата.
На штрајкот сега се придружија и обвинителите, кои не учествуваа во минатогодишниот повеќенеделен штрајк.
Судиите и обвинителите бараат донесување на Закон за плата и материјални права на судските службеници, со кој освен моментално понудениот дел од материјалните права, целосно ќе се регулираат платите и другите материјални права на судските службеници, согласно стандардите постигнати во земјите-членки на Европската Унија.
Хрватскиот министер за правда Иван Маленица изјави дека судиите и обвинителите презеле мерки откако го одбиле предлогот на министерството и зголемувањето на нето приходот за 700 евра, со што ја преземале одговорноста за штрајкот, но и за последиците.