Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Одобрени 209 милиони евра преку „ИнвестЕУ“ за производство на „зелен челик“ во Шведска 

– Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Нордиската инвестициска банка (НИБ) заеднички ќе финансираат проект за отворање на големиот капацитет за производство на „зелен челик“ на компанијата „Ха2 Грин Стил“ во северна Шведска.  

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, ЕИБ ќе придонесе во проектот со 314 милиони евра, од кои 200 милиони евра со гаранција од Европската комисија во рамките на програмата „ИнвестЕУ“, а 114 милиони евра ќе бидат обезбедени преку комерцијални банки кои учествуваат во финансирање на проектот. НИБ, пак, ќе обезбеди 57 милиони евра за пакетот за финансирање на проектот, од кои 9 милиони евра поддржани од „ИнвестЕУ“. 

„Зелениот челик“ ќе се произведува со до 95 отсто помалку емисии на јаглерод диоксид во споредба со тековниот процес на производство на оваа суровина.  

Како што соопшти Европската комисија, овој револуционерен европски проект е од суштинско значење за заложбите за декарбонизација на примарната индустрија за производство на челик, кој еден од секторите во кои тешко се намалуваат емисиите на штетни гасови.  

– Договорите за финансирање се делумно поддржани во рамките на проектот за истражување, иновации и дигитализација на „ИнвестЕУ“, поддржувајќи ја целта на политиката на ЕУ за развој и зајакнување на иновативни технологии за зелената транзиција. Тие, исто така, се во согласност со Индустрискиот план од Зелениот договор на Европската комисија, кој има за цел да обезбеди поддршка за зголемување на производствениот капацитет на ЕУ со технологии за нето нула емисии на штетни гасови, потребни за исполнување на амбициозните климатски цели на Европа, посочи ЕК. 

Според еврокомесарот за економија Паоло Џентилони овој договор претставува одличен пример за демонстрација на поддршката на „ИнвестЕУ“ за транзицијата на Европа кон климатска неутралност.  

– Горд сум што, заедно со Европската инвестициска банка и Нордиската инвестициска банка како клучни партнери за спроведување, „ИнвестЕУ“ ја поддржува оваа пионерска иницијатива, придонесувајќи за производство на поодржлив челик во Шведска, изјави Џентилони.  

Тој нагласи дека договорот претставува „добра вест“ и за климата и за европската економија, бидејќи ќе помогне значително да се намалат емисиите на јаглерод диоксид.  

– Истовремено ќе се зајакнат иновативните технологии и ќе се отворат работни места во Европа, поддржувајќи ја нашата нето нула индустриска база, додаде еврокомесарот за економија. 

Програмата „ИнвестЕУ“ и овозможува на ЕУ долгорочно финансирање преку користење на приватни и јавни средства за поддршка на приоритетите на политиките на Унијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен