Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која денеска одржа серија состаноци во Сараево заедно со премиерите на Хрватска и на Холандија, ја пофали БиХ, како што наведе, за стопроцентната усогласеност со надворешната и безбедносната политика на Европската Унија.
„Покажавте дека можете да постигнете резултати доколку земјата единствено оди напред. Единствени и согласни сме да ја видиме Босна и Херцеговина во ЕУ. Ништо да не ве оттргне од зацртаниот курс“, им порача претседателот на Европската комисија на новинарите во Парламентот на БиХ.
Таа зборуваше и за тоа што друго треба да направат надлежните.
„Треба да видиме усвојување на закони поврзани со демократијата и владеењето на правото. Активностите треба да тргнат од законот за судови, сузбивање на судир на интереси, борба против перење пари“, рече таа.
Посочи дека денеска интензивно разговараат и за „планот за раст“ – односно еден вид понуда на ЕУ за посилна интеграција на Босна и Херцеговина на европскиот пазар.
„Таму ја отвораме вратата за седум важни сектори – во принцип за деловните субјекти кои доаѓаат од Босна и Херцеговина. Но, овие активности мора да бидат придружени со реформи од економска природа кои ќе обезбедат еднакви деловни услови. Доколку се спроведат, тие можат да обезбедат дополнителни една милијарда од Европската унија. Авторите го креираа „планот за раст“ така што ниедна земја од Западен Балкан не може да ги блокира своите соседи“, додаде Фон дер Лајен.
Таа потсети дека извештајот на Европската унија за напредокот на БиХ ќе биде објавен во март, кога за него ќе продолжат да разговараат европските лидери.