Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Волстрит џурнал: Околу 80 отсто од мрежата тунели на Хамас во Газа се неоштетени

По 114 дена војна, околу 80 отсто од мрежата тунели на Хамас под Појасот Газа сè уште останува недопрена, објави денеска Волстрит џурнал.

Повикувајќи се на израелски и американски претставници, весникот наведува дека е тешко да се процени колку подземни лавиринти досега се уништени од израелските војници.

Од почетокот на копнената офанзива на крајот на октомври минатата година, по ненадејните прекугранични напади на палестинските екстремисти, предводени од Хамас, на 7 октомври, во кои беа убиени околу 1.200 луѓе, а околу 250 заложници беа киднапирани и однесени во Газа, израелските сили се обидоа да ги уништат тунелите, откривајќи сè поголема подземна мрежа на таа исламистичка организација.

Некои тунели беа бомбардирани, некои беа поплавени, но овој процес оди бавно бидејќи се проверува дали има поставени бомби во тунелите и дали има заложници пред да бидат уништени.

Се верува дека лидерот на Хамас во Газа Јахја Синвар и други команданти на организацијата се кријат под земја.

Весникот цитира неколку израелски официјални лица дека Синвар е во команден центар во тунел под Кан Јунис, најголемиот град на југот на Појасот, и дека таму има заложници.

На почетокот на јануари беше објавено дека високи претставници на израелската одбрана проценуваат дека вкупната должина на тунелите изнесува од 560 до над 700 километри, потсетуваат израелските медиуми.

Ова, како што објави „Њујорк тајмс“, е повеќе од проценката на израелските одбранбени сили (ИДФ), а тие зборуваа за вкупно 400 километри тунели, што изгледаше зачудувачки со оглед на тоа што површината на Газа е 360 квадратни километри. 

Зачлени се на нашиот е-билтен