Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Борел: ЕУ започнува поморска мисија против Хутите

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел рече дека целта на мисијата ќе биде заштита на комерцијалните бродови и пресретнување напади, но не и учество во напади врз Хутите.

– Земјите-членки на Европската унија сакаат да започнат поморска мисија во Црвеното Море до средината на февруари за да ги заштитат бродовите од нападите на јеменските Хути, група поддржана од Иран, изјави Борел.

Многу комерцијални добавувачи ги пренасочија бродовите по нападот на Хутите, кои контролираат голем дел од Јемен и велат дека дејствуваат во солидарност со Палестинците додека Израел и Хамас водат војна во Газа.

„Не сите земји-членки ќе бидат подготвени да учествуваат, но никој нема да попречува. Се надевам дека до 17 февруари мисијата ќе биде покрената“, изјави Борел пред состанокот на министрите за одбрана на Европската унија.

Тој рече дека целта е прво да се избере нацијата што ќе ја води мисијата и да се посочи каде ќе биде нејзиното седиште, кој ќе учествува и со какви средства.

Борел рече дека операцијата на ЕУ ќе се вика Aspides – што значи заштитник – и дека нејзината мисија ќе биде заштита на комерцијални бродови и пресретнување напади, но не и да учествува во нападите против Хутите.

Во операцијата првично ќе бидат вклучени три брода под команда на ЕУ. Франција и Италија веќе имаат воени бродови во регионот, а Германија планира да ја испрати фрегатата Хесен во областа, велат дипломатите.

Јеменските Хути го попречуваат минувањето на бродовите поврзани со Израел во Црвеното Море во знак на поддршка за Палестинците во Појасот Газа. Нивните напади претставуваат значаен меѓународен проблем, реагираат владите, истакнувајќи дека речиси 15 отсто од меѓународната поморска трговија минува низ Црвеното Море на својот пат од Средоземното Море до Индискиот Океан.

Јуврај Нарајан, главен финансиски директор на логистичката мултинационална компанија DP World, рече дека прекините во поморскиот сообраќај на Црвеното Море ќе ги зголемат цените на стоките за широка потрошувачка, особено во Европа.

Неодамнешните американски напади врз позициите на Хутите во Јемен не ги донесоа очекуваните резултати. 

Зачлени се на нашиот е-билтен