Денеска кога го одбележуваме раѓањето на Гоце Делчев, се сеќаваме на неговото големо дело како срцевина на македонската револуционерна и интелектуална борба за македонска држава која е еднаква за сите, напиша на социјалните мрежи првиот вицепремиер задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во чест на денот на раѓањето на Делчев.
„Историските факти упатуваат на тоа дека неговите дела и активности станаа движечка сила на политичката идеја за независна Македонија, а Гоце Делчев стана неприкосновен идол на генерации Македонци кои се бореа за остварување на таа идеја“, истакнува Маричиќ.
Вицепремиерот нагласува дека Гоце Делчев, „како апостол на македонската револуционерна борба, беше лидер кој застапуваше вредности кои имаа сила да ја обединат идејата за независна Македонија меѓу прогресивните македонски првенци кои делуваа во сите земји на Балканот и коишто се бореа за правото на македонското население да го оствари својот вековен сон за своја држава“.
„Делата на Делчев и останатите дејци се дел од балканската историја на споделеност и испреплетеност, како што е всушност и историјата на Европа, којашто ги прифати Македонците и македонската држава како дел од европското семејство“, потенцира во објавата на социјалните мрежи првиот вицепремиер задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска по повод 152-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев на социјалните мрежи напиша дека „историјата е сведок дека Гоце Делчев стапува на политичкиот балкански мегдан токму кога неговиот народ, народот на Македонија непоколебливо носи одлука да ја покаже и употреби својата национална зрелост пред Европа и светот. Тој е еден од најсилните поттикнувачи на вековниот стремеж за македонска држава во која сите ќе уживаат човечки права и социјална правда“.
„Неговото име е синоним на народната борба за слобода, сво своето дело како учител и организатор на Македонската револуционерна организација, Делчев го исполнил долгот кон својот народ и во колективната меморија на генерациите до ден денес останува најсветла личност и поради неговата мудрост и поради високите морални карактеристики“, истакнува министерката за култура.
„Непрекинато да работиш за културното издигање и ослободувањето на македонскиот народ“ и да го гледаш „светот како поле за културен натпревар меѓу народите“ се визиите на Гоце Делчев што сите ние ги делиме и ден денеска, напиша на социјалните мрежи Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска по повод 152-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.