Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ЕК предложи нова директива за борба против сексуална злоупотреба и експлоатација на децата 

 Европската Комисија денеска ја усвои Предлог-директива за борба против сексуална злоупотреба и експлоатација на децата, со која се ажурираат казнено-правните санкции за овие кривични дела, соопшти потпретседателката на ЕК и еврокомесарка за демократија и демографија Дубравка Шуица. 

– Се проценува дека едно од пет деца во ЕУ страда од некоја форма на сексуална злоупотреба или експлоатација, офлајн и онлајн. Кривичните дела поврзани со сексуалната злоупотреба значително пораснаа во текот на изминатите години, додаде Шуица на прес-конференција по денешното заседание на Колеџот на комесари на кое е усвоена Предлог-директивата. 

Според неа, само во 2020 година во ЕУ се пријавени еден милион случаи на сексуална злоупотреба на деца, а во 2022 година нивната бројка пораснала на 1,5 милиони. 

– Сексуалната злоупотреба на децата е грозоморно кривично дело врз најранливите категории, при што дури 75 отсто од жртвите ги познавале нивните злоупотребувачи. Таа предизвикува долгорочни последици и создава трауми за цел живот, истакна Шуица.  

Според неа, дигиталната ера и новите технологии ги зголемија заканите од сексуална злоупотреба на децата, а интернетот во голема мера овозможи ширење и споделување на видеа и слики од сексуално насилство врз деца. 

Ревидирани правила ги прошируваат дефинициите за прекршоци за сексуална злоупотреба на децата, воведуваат повисоки казни за ова дело и промовираат поспецифични барања за превенција и помош на жртвите.  

Правилата се усогласени и со Регулатива што Комисијата ја предложи во 2022 година со која се утврдуваат обврски за интернет компаниите за откривање, пријавување и отстранување на материјали поврзани со сексуална злоупотреба на деца на нивните платформи. 

– Треба да обезбедиме интернетот да биде безбеден за децата и младите. Ние, не се откажуваме затоа што секое дете заслужува заштита, насекаде во светот, додаде Шуица. 

Еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон на истата прес-конференција истакна дека заканата од сексуална злоупотреба на децата е реална и е зголемена низ цела ЕУ, при тоа посочувајќи неколку примери на откриени случаи на вакви појави.  

Таа нагласи дека на интернет и натаму се појавуваат т.н. прирачниците за педофили, што е показател за зголемена закана за децата како едни од најранливите категории лица. Оваа опасност е дополнително зголемена со се поголемото присуство на децата на интернет, а нови можности за злоупотреба создава и напредниот технолошки развој.  

Со новите правила дефиницијата за кривични дела поврзани со сексуална злоупотреба на деца низ земјите членки се проширува со тоа што таа се вклучува и пренос во живо на сексуална злоупотреба на деца, како и поседување и размена на прирачници за педофили.  

Новите правила, исто така, вклучат и материјали за сексуална злоупотреба на деца генерирани со помош на вештачката интелигенција. 

Предлогот предвидува и подолг временски период во кој жртвите ќе можат да ја пријават сексуална злоупотреба што ја претрпеле и да бараат санкции против сторителот, а добиваат и право на паричен надоместок за да надминување на долгорочните штети предизвикани од злоупотребата. Дополнително, се предвидува и воспоставување механизам за координација за најдобро искористување на достапните програми за превенција и помош на жртвите. 

Австралиската полиција уапси 14 лица под обвинение за производство и дистрибуција на материјал кој содржи злоупотреба на деца преку Интернет во Австралија и во странство.

Исто така се предвидува изработка на програми за подигање на свеста од опасноста од сексуалната злоупотреба, со посебен акцент на онлајн ризиците, со цел се интернетот да се направи побезбеден и подобар за децата и младите. 

Правилата предвидуваат задолжителна обврска за пријавување на ваков прекршок од страна на професионалци кои се во близок контакт со деца, како дел од напорите да се одговори на предизвикот за запирање на сексуалната злоупотреба на децата. 

По ваквиот предлог од страна на Европската комисија, сега треба Европскиот парламент и Советот на ЕУ да го усогласат текстот на Директивата, по што ќе следи нејзино формално усвојување. 

Со овој предлог, Комисијата ја продолжува својата имплементација на Стратегијата за поефикасна борба против сексуалната злоупотреба на деца 2020-2025. Во тие рамки, во текот на следниот месец, ЕК ќе претстави Препорака за интегрирани системи за заштита на децата, зајакнувајќи ги мерките за нивна заштита од сите форми на насилство, вклучително и злоупотреба на интернет.

Зачлени се на нашиот е-билтен