Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Борел: Пакистан да спроведе целосна истрага за пријавените нерегуларности на изборите 

Европската Унија ги повикува релевантните органи на Пакистан да обезбедат навремена и целосна истрага за сите пријавени нерегуларности на вчерашните општи избори во земјата и да ги спроведат препораките од претстојниот Извештај на Изборната експертска мисија на Унијата, порача денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел во реакција на пакистанските парламентарни избори. 

Борел посочува дека со остварувањето на своето право на глас на овие избори што се одржаа по неколкумесечно одлагање во услови на „тензично безбедносно опкружување“ и на „системски бариери со кои се уште се соочуваат жените и лицата кои припаѓаат на малцинствата“, пакистанскиот народ ја покажал својата посветеност на демократијата и владеењето на правото.  

– ЕУ го поздравува зголемениот број жени регистрирани за гласање во споредба со претходните избори. Жалиме поради недостигот на еднакви услови за игра, поради неможноста на некои политички актери да се натпреваруваат на изборите, ограничувањата на слободата на собирање, слободата на изразување, и онлајн и офлајн, ограничувањата на пристапот до интернет, како и наводите за сериозно мешање во изборниот процес, вклучително и апсења на политички активисти, наведува Борел во реакцијата. 

Истакнувајќи дека пакистанските власти биле соочени со предизвикувачка задача да се спротивстават на сериозните терористички закани и напади, Борел нагласува дека ЕУ ги осудува сите акти на насилство, што се случија пред изборите и ги повикува сите партии и актери да користат мирни и демократски механизми за решавање на разликите, воздржувајќи се од натамошно насилство. 

– ЕУ придава огромно значење на политичкиот плурализам, демократските вредности, независните медиуми, динамичното граѓанско општество, независноста на судството и меѓународните стандарди за човекови права, кои се клучни за демократски избори. Ги повикуваме сите политички актери во Пакистан да се вклучат во мирен и инклузивен дијалог со цел формирање стабилна влада и да ги почитуваат човековите права во согласност со Уставот на Исламската Република Пакистан, како и со меѓународните договори, истакна Борел. 

Според него, Пакистан е важен партнер за Европската Унија и таа со нетрпение очекува да продолжиме да работи со пакистанската Влада на остварување на приоритетите договорени во Стратешкиот ангажман меѓу ЕУ и оваа азиска земја. 

– Го охрабруваме Пакистан да продолжи со реформите во областа на човековите права, доброто владеење, како и работничките права и стандардите за животна средина, да ги реши недостатоците наведени во извештајот на Генерализираната шема на преференции Плус на ЕУ (ГСП+) од ноември 2023 година и да продолжи со неопходните економски реформи, додава Борел во реакцијата. 

Зачлени се на нашиот е-билтен