Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) ги повика сите страни да се воздржат од воена ескалација во Рафа, на крајниот југ од Појасот Газа, предупредувајќи дека таму се сместени повеќе од 600.000 деца, од кои некои се раселени повеќе пати од почеток на војната.
Извршниот директор на УНИЦЕФ Кетрин Расел доцна синоќа изјави дека воената ескалација во Рафа ќе означи „уште еден разурнувачки пресврт“ во војната во која досега загинаа повеќе од 27.000 луѓе, според здравствените власти во Газа.
Таа рече дека илјадници други би можеле да умрат во насилство или поради недостиг на основни потреби, а хуманитарната помош може дополнително да биде отежната.
„Потребно ни е последните преостанати болници, засолништа, продавници и системи за вода во Газа да останат функционални. Без нив, гладот и болестите ќе ескалираат и повеќе деца ќе умрат“, рече Расел.
Повеќе од половина од вкупното население на Газа од 2,3 милиони побегнале во Рафа, по израелската наредба за евакуација, пред да се прошири копнената офанзива.
Сега има наредби за евакуација за две третини од опколената мала енклава.
Расел апелираше до сите страни во конфликтот да се придржуваат до нивните обврски според меѓународното хуманитарно право, кои вклучуваат грижа за поштеда на цивилите и цивилната инфраструктура.
Во текот на ноќта меѓу четвртокот и петокот продолжија израелските воздушни напади врз центарот на Газа и Рафа на југ, на границата со Египет. Во нив загинаа повеќе од 20 луѓе, меѓу кои жени и деца, изјавија болнички лица.
Нападите продолжија и откако американскиот претседател Џо Бајден во четвртокот рече дека постапките на Израел во оваа војна ги смета за претерани.