Утре (четврток, 29 февруари) во поткровјето во Јавна Соба ќе настапи белградскиот џез-бенд Fish in Oil. Фронтмен на групата е Братислав Браца Радовановиќ, кој започнал да се занимава со музика уште од раните деведесетти години со музичките истомисленици во Приштина, а потоа во Белград.
Радовановиќ продолжува да работи само авторска музика, создавајќи дефиниран и исклучително разновиден композиторски израз. Актуелната постава на Fish in Oil ја сочинуваат Братислав Радовановиќ – гитара; Ѓорѓе Кујунџиќ – саксофон; Бранислав Радојковиќ – контрабас, ел. бас-гитара, Феѓа Франклин – тапани; Александар Радојчиќ – удиралки.
“Ваквите настани како концертот на Fish in Oil, ќе се случуваат сè почесто, со што ќе го позиционираат Скопје на мапата на клупски концерти со квалитетна музика”, велат од Јавна соба.
Fish in Oil учествувале на етно и други фестивали: Балатон, Темишвар, Клуж-Напока, Загреб, Чачак, Шабац, Крагуевац… Покрај фестивалските настапи тука се и неброени клупски свирки во Србија, потоа Прага, Минхен, Париз, Виена.
Покрај повеќето национални џез-фестивали (Белградски џез фестувал, Нишвил, Нови Сад, Панчево, Крагуевац…), учествуваа и на престижните регионални џез-фестивали: Сараево џез-фестивал, Љубљана џез-фестивал, Гарана, Темишвар, Балатон, Церкно, Синѓеорз Беј, Цетиње, Подгорица, Котор, Приле, како и на Jazzy Colours фестивалот во Париз.
Fish in Oil сними и објави пет студиски албуми: Полуостров (СКЦ Крагуевац, 2012), Дрнч (Маском, 2013), Три клуча (Метрополис џез, 2016) – двојно ЦД, Сè ќе биде во најдобар ред (Метрополис џез, 2018),Басамак (Грамофон, Сараево 2022).
Настапувале и снимале со Марк Рибот, Бојан Зулфикарпашиќ, Матија Дедиќ, Џијан Емин и Георги Шарески, Васил Хаџиманов, Јелена Попржан, Ирина Карамарковиќ, Милош Николиќ, Лука Игњатовиќ, Војно Диздар и многу други.