Мит Ромни: Нема да гласам за Трамп, но очекувам негова победа

Мит Ромни, американски сенатор републиканец, одговори негативно на прашањето дали тој би гласал за повторен избор на Доналд Трамп за претседател на САД.

– Нема да гласам за него. За мене постојат два фактори кои одлучуваат кого сакам да видам за лидер на мојата земја и личност која би сакал да ја видам како пример за моите деца и внуци, изјави тој синоќа во интервју за Си-Ен-Ен.

Според него, важни се позициите околу политиките на претседателот на САД, но уште поважен е неговиот карактер.

– Со Трамп не се согласувам околу надворешната политика, но се согласувам со многу од нашите домашни политики. Но, има и друга димензија покрај полтиката, а тоа е карактерот. Америка како нација и како прва демократија и лидер во светот се гледа по нејзините лидери, верски, политички, универзитетски и така натаму.  Да се има претседател кој е со толку банкротиран карактер, ќе има огромно влијание на карактерот на Америка. За мене тоа е од примарна важност, изјави Ромни. 

Тој смета дека Трамп доколку  биде избран за претседател Америка ќе ја изгуби водечката улога во светот и ќе падне во изолација. 

– Луѓето во светот ќе речат Америка не е повеќе лидер на слободниот свет и aрсенал на демократијата, не е повеќе сјајниот град во височината, сега е изолиран остров, рече Ромни.

Тој, сепак, додаде дека на претседателските избори во ноември очекува победа на Трамп бидејќи во текот на неговиот прв мандат економијата на САД многу се подобрила и Американците заработувале барем за третина повеќе од луѓето во Европа. За актуелниот претседател, демократот Џо Бајден кажа дека направил многу грешки, а најважната е кризната состојба со имиграцијата и напливот на имигранти во земјата. 

Зачлени се на нашиот е-билтен