Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ристов: Академската фела си го враќа заслуженото место во нашето општество и дигнитет како предводник на прогресот и напредокот на државата

„Денес беа исплатени повисоките плати во согласност со Колективниот Договор кој почна да се применува од 1.1.2024 година. Синдикатот е задоволен од постигнатиот историски успех – враќање на угледот и достоинството на УКИМ и  подобрување на стандардот на вработените со добивањето на достојни плати. Почитувањето на Колективниот договор од страна на државата е израз и потврда на загарантирана со Уставот, Автономија на Универзитетот. Но, и поттик и обврска за наставниот кадар за поголеми научни вложувања и достигнувања во иднина. Со правата добиени од Колективниот договор академската фела си го враќа заслуженото место во нашето општество и дигнитет како предводник на прогресот и напредокот на државата“, вели претседателот на Сојузот на синдикатите на УКИМ, проф. Ангел Ристов.

Околу 3.000 професори, асистенти, административни и технички лица на својата сметка денес добија плата повисока за 22 отсто, а дополнително зголемување за одреден процент ќе има и од месец март, кога е предвидено и зголемување на минималната плата во државата.

Зголемувањето за академските работници се должи на истрајната посветност и работа на Сојузот на синдикати на УКИМ кои во преговори со Собранието и ресорните министерства успеаа да го верификуваат Колективниот Договор.

Ристов вели дека соработката на УКИМ со државата треба да продолжи, а за де се има подобро и поквалитетно образование потребно е повеќе да се вложува во истото.

„Ако една држава сака да чекори по стапките на прогресот мора задолжително да води сметка за науката и високото образование на младите. Тие се нашата иднина. Затоа државата треба да ги зголеми буџетските средствата за наука и истражувања ако сака да го унапреди квалитетот во високото образование и науката за доброто на граѓаните“, смета Ристов.

Примената на договорот се очекува значително да ја подигне мотивацијата за работа и квалитетот на наставно-научниот процес, во интерес на студентите и создавање што поквалитетни генерации кои успешно ќе се интегрираат и ќе раководат со општествените процеси.

Зачлени се на нашиот е-билтен