- Има ли оваа иницијатива на источниот сосед некаква паралела со „планот Б“ на ВМРО-ДПМНЕ?
- Од каде се враќаат по кој знае кој пат типично кремљовските наративи, во бранови, кои неуморно удираат на бреговите на евроинтеграциите?!
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Од последното лето наваму, преку есента, а еве и на стартот на новата година, кога се одржуваат избори ширум планетата, во Бугарија се најави основање на едно општонародно движење, кое, не е секако надвор од одредени политички амбиции во оваа земја. Но, заради тоа што тамошните политички актери несомнено се преку споени садови поврзани со некои македонски проблеми во однос на добивањето доволна политичка поддршка за продолжување на нашите преговори со ЕУ, ова не е небитно прашање.
Без оглед што спуштањето на завеса на сцената на меѓудржавните односи со Бугарија личеше на создавање на простор за паралелни политички процеси и можеби со обид, кај нас, за замена на релацијата Скопје-Софија, со Скопје-Брисел, не смееме целосно да се затвориме кон сцената од која кон нас доаѓале најголеми проблеми.
Денес, како и во повеќестолетната историја како одраз на империјалната политика на Москва, никогаш не треба да се оттргне погледот од она што се готви во кујната на посолството во кое господарат рецептите на амбасадорката Митрофанова.
Неуморниот Радев
Така, во овој контекст, кај нас не беше забележано дека во Бугарија се најавува движењето „Трети март“. Таа иницијатива потекна од претседателот Радев во втората половина од минатата година и, пред сè, е негов одговор на стабилизирањето на приликите во Бугарија, после формирањето на коалицијата меѓу прозападната Продолжуваме со промените и ГЕРБ, најпопуларната партија во оваа земја, но без коалициски капацитет.
Радев секако беше најдобар пливач во водите на постојаните избори во неговата земја, кои носеа дестабилизација и можноста која му ја пружаше да ја задоволува својата стара љубов кон баќушките.
Чувствувајќи дека тој и неговите патриотически пријатели ја губат силата како острижениот Самсон, тој барал начин да ја зацврсти својата супремација, посебно загрозувана заради војната која Русија и ја наметна на Украина, потоа и на Европа и целиот слободољубив свет.
Новата политичка коалиција, ПП – ГЕРБ, која постојано си има проблеми со дневните клацкалки во атмосферата на меѓусебна недоверба, секако создаде голема дистанца од промосковските играчи кај нивниот најстар и најценет балкански сојузник. Ова е своевидна девалвација и на неговиот лик и дело кој за нас, одново, не треба да исчезне од ретровизорот.
Кои се тие кои го основаат тоа движење кое низ своето име нè поврзува со москвичите? И тоа затоа што трети март е денот кога е потпишан договорот во Сан Стефано и се нацртани границите на Голема Бугарија!
Според софиските медиуми (FrogNews, на пример) тоа се политичарите, јавни личности, новинари и спортисти кои најавија иницијатива за зачувување на дотогашниот државен празник 3 Март, формално како одбележување на ослободувањето на Бугарија од османлискиот јарем. Но, истиот ден е секогаш мотив да се зацврстува пријателството што постоело некогаш кон царска Русија, потоа кон СССР, а денес кон Путин.
„Овде собравме луѓе со различни професии и политички предрасуди, но обединети од националната кауза, да го заштитиме Трети март како национален празник“, најави европратеникот Петар Витанов на прес-конференција во Националниот прес-клуб на БТА, во мигот кога владејачката коалиција процени дека тој ден треба да стане – обичен празник, кога вработените одат на работа, учениците одат на настава…
„Подготвени сме ова прашање да го ставиме на национален референдум“, додаде тој.
Инаку, предлогот за симнување на рангот на Трети март во календарот на празниците на крајот на јули минатата година во собранискиот регистар го поднеле поширока група партии како заеднички предлог-закон за измени на Уставот. Еден од предлозите е истиот да биде заменет со 24 мај. (Патем, 24 Мај се третира како празник на бугарската азбука, да немаме забуна, а не како ден на сесловенските просветители што е наш случај!).
Неуспешни обиди за собирање потписи
„3-ти март е линијата меѓу оковите и слободата. 3-ти март е раѓањето на нашата модерна држава и 3-ти март го отелотворува подвигот на десетици, стотици илјади загинати за слободата на Бугарија“, посочи Петар Витанов.
„3-ти март не е празник на Руската империја. Тоа е резултат на напорите на Бугарите. Бугарите со децении се борат за своите права. Ова е бугарски празник, сакам да го истакнам тоа”, вели проф. Искра Баева.
На собирот биле нападнати коалиционите партнери од власта и било речено дека проруски се настроени сите Бугари, со исклучок „на мала група русофоби, а таа е меѓу 16 и 20 проценти“.
Целта била да се соберат 400.000 легитимни потписи за да може да се одржи референдум, објави бугарскиот „7 дни“.
Но, секако противниците на враќањето на старите митови на сцена не се толку безначајни. Еден социолог го скара Радев: „Трети март започнува со лажен почеток и потсетува на Единствена Русија“
Тој смета дека низ името на движењето се настојува да се внесе некакво месијанство и дека тоа не е одлика на демократска земја „туку дека ќе биде нешто како мета проект на другите – да се стави капа на сите другите формации“. Ова за БНР го изјавила Борјана Димитрова, социолог од „Алфа Рисрч“. „И покрај сите проблеми околу владата, на повидок нема национални избори. Човек кој предолго стои во јавната сфера, без можност да се соочи со гласот на електоратот“ – вели таа.
Нејзина проценка е дека ова движење може да донесе само неколку пратеници на следните парламентарни избори и тоа како отпор кон влегување во еврозоната, а како спас на левот. Здружението треба да го јакне евроскептицизмот во земјата.
Румен Радев секако не е надвор од играта околу празникот и националното движење. Како и Вучиќ со Покрет за Србију и тој се обидува да ги надомести новонастанатите дефицити во сопствената популарност. Тој изјави дека „3 март е црвената линија на нашето трпение, народното движење нема да дозволи 3 март да се избрише“ – порача претседателот Румен Радев пред споменикот на врвот Шипка на последната прослава на тоа митско место.
Според него, „европска Бугарија има иднина само кога ќе ставиме крај на политичката рамнодушност која сее раскол и е паразит на поделбата која тргува со сè што е бугарско. Не ни треба колективизам, туку единство околу државноста, историјата и националното достоинство“, изјави Радев.
Пропагандни пораки за црно-бели политики
За угледната коментаторка Емилија Милчева (Дојче веле на бугарски), движењето Трети март е производ на чипираните од руската пропаганда. Најавено е со говорот на врвот Шипка, каде се водела битката меѓу војската на царска Русија и Отоманската империја, по што дошло, нели, до договорот во Сан Стефано и до картата на Голема Бугарија. Се бара референдум за позицијата на Трети март во календарот на празници, иако веќе два такви референдуми од страна на националистичките сили пропаднале. Најпрвин со референдумот на проруската партија „Вазраждане“ (Предодба) за „зачувување на левот“ и оној на БСП против наставата „родова идеологија“ во училиштата – затоа што „традиционалното бугарско семејство“ така наводно пропаѓа.
Првите собрале 400 илјади потписи, вторите 200 илјади. Сите овие акции, според авторката, ги користат истите механизми за спроведување на нивните пропагандни пораки во стилот на црно-белото. На почетокот, ситуацијата станува вжештена, како крадците на скапоцености да ги ограбуваат бугарските свети места. Како резултат на тоа, се создава анксиозност, па дури и хистерија кај луѓето чие критичко размислување е целосно затапено. Конечно, како во бајките, доаѓаат спасителите како политика со театарски ефекти.
Оваа коментаторка потсетува дека за мнозинството Бугари, Трети март е збир на клишеа како „ослободување од турскиот османлиски јарем“, „почеток на новата бугарска држава“ ама факт е дека Бугарија е на тој датум прогласена за автономно, но не и самостојно кнежевство, односно дека е подредена на султанот. Во исто време, за своето ослободување, Бугарија се обврзала да ѝ плати на Русија повеќе од 27 милиони златни лева (иако не е тоа целосниот окупациски долг од скоро 90 милиони), што е надвор од стереотипната слика за овој празник. И додава дека наскоро се очекува гласање за локалните власти, па се наоѓа нова говорничка матрица. И тоа така што битката за градоначалници ќе се води навидум надвор од класичните политички говори. (Не за тоа што градоначалниците би сториле за подобрување на животот на граѓаните, туку за местото на националните мотиви во шемата за празниците).
Дури и отцепениот од ПП Радостин Василев, вели дека Радев со едната рака се заканува, а со другата ги поткупува градоначалниците. „Оваа моментално им се случува на апсолутно на сите градоначалници на ГЕРБ. Она што ќе се случи е дека наместо да имаме ГЕРБ – 25 отсто, ќе имаме ГЕРБ – 15 отсто и партијата на Радев од 10 отсто плус за про-кремљовска опција преку локални градоначалници“, вели Василев.
Партии и движења како извлечени од руска „матрјошка“
Единствена Русија, Движење за Србија, Народно движење во Бугарија а и кај нас постоеше Единствена Македонија, за која нема ништо на социјалните мрежи, засега сè е избришано(!), а ја водеше Јанко Бачев…
Една руска матрица, со различни национални корици, а со исти методи на дејствување.
Како тие партии и движења да излегле од онаа кукла Матрјошка. Лесно би можеле да најдеме сличности меѓу говорите на некои културни дејци кај нас за родовата политика пред објект на МПЦ а со руски и српски знамиња пред нив. Да речеме со оној бугарски референдум со кој се бара враќање на традиционалните односи во половите. Исто како што се слушаат говори за слични антизападни теми во бугарскиот прес клуб на приврзаниците на Радев.
Затоа и треба да нè загрижи фактот дека и покрај формалното покритие за антибугарскиот покров на Мицковски во неговото реторичко секојдневие, зад истото се крие иста цел – да се спречи или одложи до бесконечност нашето проевропско напредување. Нема суштинска разлика меѓу Радев и Мицковски, тие работат на иста бранова должина и во крајна линија, ја држат во рацете истата радио антена, насочена кон Кремљ!
Да замислиме само дека Радев со сценарио за еден одложен пат на Македонија кон ЕУ, ги зацврсти своите позиции. И во исто време се запрашаме што ќе се случи ако ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите и дојде со своите националисти во подобра позиција „по истиот вапрос“ и навистина и тој заборави на нашите обврски кон Европа и НАТО!? Па таа комбинација не е неостварлива ако земјава „ја вози“ познатиот продавач на стари автомобили. (ЦивилМедиа)